еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Антидискриминаторската комсија реагира за најавите за паралелен механизам што би ги штител од дискриминација бугарските инвеститори

Комисијата за спречување и заштита од дискриминација (КСЗД) алармира дека нејзиниот мандат ќе биде директно делегитимиран доколку се воспостави механизам за заштита на инвеститори од дискриминација, како што најавија министерот за финансии Фатмир Бесими и бугарскиот министер за иновации и развој, Даниел Лорер.

КСЗД изразува уверување дека станува збор за ненамерна изјава на Бесими у Лорер, како и дека по оваа реакција двајцата министри ќе воочат оти е законски невозможно формирање и функционирање на такво паралелно тело.

Според Комисијата, формирањето паралелен механизам, наменет исклучиво за заштита на инвеститорите од Република Бугарија, би бил во спротивност со Законот за спречување и заштита од дискримнација, кој ја регулира оваа правна материја како lex specialis.

Оттука, ова тело не би можело да произведува никакви правни акти за спречување и заштита од дискриминација, бидејќи нема процесен и материјален закон, врз основа на кој може истото да го направи.

КСЗД дополнува и дека овозможувањето на ваквиот паралелен механизам за заштита од дискриминација, наменет исклучително за лица од одредена етничка и/или национална припадност и социјален статус, претставува индиректна дискриминација врз основа на етничка и/или национална припадност и социјален статус во областа на правосудството и управата, согласно членовите 3, 5, 6 и 8 од Законот за спречување и заштита од дискриминација.

-На прес-конференцијата завчера, по првиот состанок на македонско-бугарската Работна група за економија, министрите изјавија дека разговарале за формирање механизам за транспарентност на инвестиции, чија улога би била заштита од дискриминација на инвеститорите од двете страни, при реализирањето на планот за инвестирање.

Алармираме дека евентуалното формирање ваков паралелен механизам задира во независноста и самостојноста на ова професионално и експертско тело за еднаквост и е директно делегитимирање на мандатот на КСЗД.

Потсетуваме и дека превенцијата и заштитата од секаков вид дискриминација се регулирани со Законот за спречување и заштита од дискриминација, според кој, КСЗД е единственото тело за еднаквост во земјава кое постапува во случаи за спречување и заштита од дискриминација и во приватниот и во јавниот сектор, кон сите домашни и странски физички и правни лица, вклучително и дискриминација на потенцијални странски инвеститори, наведува КСЗД во реакцијата.

Комисијата потенцира дека меѓународните стандарди кои ја регулираат поставеноста и работата на Националните тела за еднаквост, како што се Принципите за статусот на националните институции за еднаквост на ООН (Париските принципи), предвидуваат, телата за еднаквост слободно и независно да одлучуваат за сите прашања поврзани со нивните надлежности.

-Исто така, овие принципи предвидуваат дека независните тела треба да бидат сочинети од професионалци и експерти кои исполнуваат строги и високи критериуми за избор во областа на дискриминацијата.

Токму затоа, превенцијата и заштитата од дискриминацијата се спроведува на експертско и професионално, а не на политичко ниво.

Оттука, формирањето на паралелниот механизам би значело директна повреда на овие принципи.

Веруваме дека станува збор за ненамерна изјава на министрите и се надеваме дека по оваа реакција на КСЗД, ќе воочат дека е законски невозможно формирање и функционирање на такво паралелно тело, истакнуваат од КСЗД.

Комисијата апелира, дека како и до сега, стои на располагање на сите домашни и странски физички и правни лица, за пријавување и постапување во случаи на секаков вид  дискриминација.

-Ги охрабруваме сите оние кои се почувствувале дискриминирани врз која било основа, во која било област, тоа да го пријават во КСЗД преку електронскиот механизам за пријавување дискриминација, достапен на www.kszd.mk или лично и/или поштенски на адресата на КСЗД, на ул. „Даме Груев“ бр. 1, 1000 Скопје, наведува Комисијата.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Mеханизам против дискриминација на инвеститорите, договори Работната група за економија на Македонија и Бугарија

Фото: МФ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ахмети: Идентитетот на Македонците и самата Македонија, тешко дека ќе опстојат надвор од НАТО и ЕУ

Редакција

Даравелски барал помилување од Бранко Црвенковски, објави Телма

Редакција

Јапонија почна да испушта прочистена радиоактивна вода од Фукушима во океанот

Редакција