Снежните врнежи кои во раните утрински часови го зафатија поширокиот дебарски регион, донесоа посебна „снежна идила“ во целото подрачје.
Во посебна бела убавина е и македонското древно светилиште „Свети Јован Крстител“ попознат како Бигорски манастир, кој вгнезден во пазувите на планината Бистра, опстојува 1001 година и го потврдува постоењето на православието на овие простори.
– Станува збор за еден од најголемите духовни центри во Македонија, но и пошироко на Балканот. Во него својот духовен мир го наоѓаат илјадници души, а молитвите на игуменот, епископ г. Партениј и на неговото братство се вистинско богатство за светот, вели верник кој е тука во време на божиќните пости.
И тој и многу верници редовно се на богослужбите на кои со милозвучен глас се обраќа владиката г. Партениј.
– Со силен дух и обновена ревност и обилно преисполнети со љубов, радост и почит кон Богомладенецот Христос, го продолжуваме благо-радосниот Божиќен пост. Сите ние заедно, духовно и таинствено да се подготвиме да застанеме пред малата, скромна Пештера во Витлеем, таа земна палата на Небесниот Цар, пред смирените пастири и боговдахновени мудреци, опкружени со безбројното воинство ангели. Да стоиме молитвено со душите приклонети кон Преблагословената Владичица наша Богородица, со срца подарени на најпрекрасниот Богомладенец, порача и денеска г. Партениј.
Тој уште со пораката дека вистинската љубов е над човечките поделби и спротивставености.
– Вистинската љубов е над човечките поделби и спротивставености. Ја победува омразата и острастеноста. Ги надминува личните огорчувања и се простира над сето човештво, без користољубие и задни намери. На тоа нè научи Господ и тоа сме должни да го применуваме. Да се грижиме, да ги чуваме нашите браќа, порача владиката.
Посака Господ да ги благослови сите верници и целиот пост да го поминат со богоугодни дела и да го дочекаат светлото Христово раѓање.
МИА/Фото: МИА