еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Бугарска фирма без закупен капацитет за пренос учествувала на повикот за набавка на гас

На неодамнешниот јавен повик за набавка на природен гас за топланите во Скопје, како и за други стопански субјекти и институции, се пријавиле две фирми од Бугарија, а една од нив ниту поседува лиценца за трговија со овој енергенс во земјава, ниту, пак, закупила капацитет за воопшто да може да го донесе гасот во државата.

Името на таа компанија е „Актаел“, а на неа бугарската регулаторна комисија издала лиценца за работа кај нашиот источен сосед на 23 јуни 2022 година. Таков документ тие не поседуваат за Македонија. Според правилата, ова значи дека на нив воопшто и не би требало да им се дозволи да учествуваат во јавниот повик за набавка на гас.

Ова е само еден од сомнежите што се отворија откако „ЕСМ продажба“ преку соопштение ја информира јавноста дека гас за февруари ќе обезбеди од „Балкан Јутилитис“, микропретпријатие што го доби тендерот и за јануари.

Тенденцијата да се купува поскап гас од оваа фирма, која што државата ја чинеше над милион евра повеќе за јануари, продолжува и во февруари. Според последните проценки и во зависност од потрошувачката, државната компанија што раководи со топланите за енергенсот може да плати дополнителни еден до три милиони евра, сума што може да се избегне, доколку се следат берзанските текови.

Тој принцип го почитува „Макпетрол“, од каде што соопштија дека не учествувале во повикот, бидејќи не сакаат да бидат покритие на тендери што фаворизираат само една фирма.

Македонската компанија со дел од медиумите сподели дека цената на „Макпетрол Пром-Гас“ вчера изнесуваше 71 евро за мегават-час. На јавниот повик, од друга страна, „Балкан Јутилитис“ понудиле 98,71 евра за MWhа, а „Актаел“ 99,83 eвра за MWh. Ова значи дека потрошувачка на максимално побараните 3.500 MWh државата ќе мора да плати речиси три милиони евра повеќе, односно 2.715.580 евра.

Што се однесува, пак, до „Актаел“ симптоматично е што компанијата досега не закупила капацитет од бугарскиот оператор „Булгартрансгас“, а тоа е клучно ако истата има намера да го транспортира енергенсот до Македонија.

Оттука, нејасно е како е можно да се дозволи ваква фирма да учествува на повикот, како и зошто таа воопшто би се пријавила да учествува во него, ако во меѓувреме не ги исполнила барем основните предуслови за да обезбеди гас во земјава, во случај да победи да тендерот.

Поврзаноста меѓу ЕСМ и „Актаел“, сепак, не започнува од овој јавен повик за набавка на гас. Оваа бугарска фирма во јули 2022 година на македонската државна компанија продала блок-трансформатор за РЕК Битола за речиси 6,5 милиони евра.

И покрај тоа што се работи за значителни средства, за оваа набавка не е спроведен тендер, односно истата е направена со непосредна спогодба. Блок-трансформаторот доцнеше со испорака, што резултира со одложување на стартот со работа на третиот блок во РЕК Битола.

За ова доцнење, државата ќе мора да плати околу 200 илјади евра пенали, а додека овој процес течеше, Македонија беше принудена да увезува струја за која што плати над 40 милиони евра.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

И во февруари со гас ќе не снабдува бугарската Балкан Јутилитис

Не сакаме да бидеме параван во тендери за гас што фаворизираат една компанија, велат од Макпетрол

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Tешко повредени возач и медицинска сестра од кочанската Брза помош и тешко болен пациент од Ковид-19

Редакција

Штрајкот на Фондот за здравство може да ги остави пациентите без боледувања и лекови, лекарите без плата

Редакција

Скопје, Куманово, Штип, Прилеп и Велес имаат поголема кумулативна инциденца од Дебар

Редакција