Во организација на ПСД „Клепа“ од Росоман во соработка со велешките „Грин Пауер“ и „Азот“ утре ќе се одржи петто зимско планинарско искачување на врвот Клепа на 1.150 метри надморска височина.
Како и во изминатите години, стартот е утре во 7 часот во селото Сирково каде ќе се соберат сите планинари учесници од повеќе градови, а домаќините за добредојде и среќен пат ќе ги нагостат со домашен леб, алва и чај.
Планинарите учесници на пат кон селото Подлес, како и во изминатите години, ќе засадат 2.000 садници дрвца багрем и аризонски чемпрес во шумата на Калина и Александар, кои трагично загинаа на 10 февруари 2018 година на планината Ниџе во соседна Грција при искачување на врвот Кајмакчалан.
-Само една недела пред трагичниот настан тие учествуваа на овој планинарски поход, а Калина засади и свое дрвце кое е дел од оваа шума што секоја година се збогатува со нови дрвца, изјави за МИА, Веле Коцев од ПСД „Клепа“ од Росоман.
Садниците се донација од ЈП „Македонски шуми“ и други спонзори.
По пристигнување во селото Подлес, кое е во близина на вештачкото Подлешко Езеро, планинарите ќе се упатат кон врвот Клепа. Потоа ќе се спуштат долу, во манастирот „Св Архангел Михаил“ во близина на селото Долно Чичево, каде што по 14 часот ќе се соберат на заеднички ручек – војничко гравче.
И годинава ручекот, обезбеден од спонзорите, за сите учесниците ќе го подготват во војничката менза на гарнизонот на Армијата во Велес, кои секоја година го поддржуваат настанот.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Фото) Планинари садеа дрвца и го искачија врвот Клепа во чест на Калина и Александар
МИА