Да се обезбеди колку што е можно поголема предвидливост на условите за работење, да не се менува даночната политика, а важните економски закони секогаш да се носат во консултација со бизнисот, апелира Стопанската комора.
Комората, која предлага концепт за ублажување на економските последици, порачува дека секогаш кога има криза, а во моментов се неколку истовремено, по правило, постои голема неизвесност за иднината што многу го отежнува работењето на фирмите.
-За да му се помогне на приватниот бизнис-сектор и за да можат фирмите подобро да ги планираат своите активности за излез и за спас од кризата, треба да се обезбеди колку што е можно поголема предвидливост на условите за работење.
Во наредниот период од две-три години да не се менува даночната политика, да не се зголемуваат даночните стапки и да не се менува начинот на оданочување, навреме да се врши враќањето на данокот на додадена вредност и навреме да се сервисираат обврските на јавниот спрема приватниот сектор, вели потпретседателот на Комората, Зоран Јовановски.
Во видео изјава, Јовановски нагласува дека ако државата има потреба од повеќе пари во својот буџет, треба да ги обезбеди преку намалување на сивата економија.
-Тоа значи, да се наплаќа од оние кои избегнуваат да ѝ платат на државата, а не да се зголемуваат даноците за оние кои редовно си ги извршуваат финансиските обврски спрема неа.
Во оваа прилика сакаме повторно да укажеме и на потребата законите кои се од особена важност за деловното работење секогаш, без исклучок, да се носат во рамките на еден транспарентен и инклузивен процес.
Тоа значи дека мора да престане носењето важни економски закони без консултација со бизнисот, затоа што така се пропушта шансата да се изберат најдобрите законски решенија, со кои најмногу ќе се придонесе за развој на македонската економија, истакнува Јовановски.