Македонската берза прв пат на „листа на набљудување“ стави 12 компании.
Оттаму информираат дека од вкупно 12-те котирани друштва, за 3 компании внесувањето на „листата за набљудување“ на веб-страната на берзата претставува санкција поради посериозно непостапување согласно правилата за котација, а за 9 друштва е информација за инвеститорите дека треба да обрнат внимание на одредени специфични ситуации поврзани со нивните хартии од вредност или пак за издавачот.
„Внесувањето на котираните друштва на „листата на набљудување“ се прави согласно член 57, односно 61-а од правилата за котација, како мерка спрема котираните друштва или со цел обрнување внимание на инвеститорската јавност, респективно.
„Листата за набљудување“, a пред се обрнувањето на внимание на инвеститорската јавност претставува нов и транспарентен начин за комуникација со инвеститорите на македонскиот пазар на хартии од вредност и тоа поради нивно дополнително информирање дека кај одредена котирана компанија се настанати поспецифични околности што треба да се имаат предвид при донесувањето на инвестициски одлуки за тргување со конкретните хартии од вредност.
Обрнувањето на внимание на инвеститорската јавност не претставува санкција спрема друштвото од страна на берзата, туку воспоставен механизам во интерес на инвеститорите“, соопшти берзата.
„Листата за набљудување“ на која се внесуваат издавачи кои котираат на Официјалниот пазар се воспостави со последните измени и дополнувања на правилата за котација на берзата, за кои е добиена согласност од Комисијата за хартии од вредност.
На „листата за набљудување“ се внесуваат издавачи кои котираат на Официјалниот пазар поради:
– изречена мерка од страна на берзата – во случаи на посериозно непостапување од страна на издавачот согласно барањата утврдени во правилата за котација.
-обрнување на внимание на инвеститорската јавност за определени актуелни состојби поврзани со конкретниот издавач – во случаи на поспецифични ситуации поврзани со хартиите од вредност или со работењето на издавачот.
За внесување, односно отстранување од „листата за набљудување“ одлучува Одборот на директори на берзата врз основа на анализа на исполнувањето на обврските на котираните издавачи согласно правилата за котација и направените објави на СЕИНет од нивна страна и други информации што и стојат на располагање на берзата.
Хартиите од вредност на котираниот издавач што е внесен на „листата за набљудување“ остануваат котирани на пазарниот сегмент каде што се примени за котација.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Измени на правилата за котација на берзата: „Сомнителните“ компании на листа на набљудување