еМагазин
Image default
Бизнис

Детектирани ризици од корупција во тендерите на државните и на општинските претпријатија

Центарот за граѓански комуникации (ЦГК) го објави истажувањето „Мапирање на ризиците од корупција во јавните набавки на претпријатијата во сопственост на Владата и на општините“.

Ризиците од корупција се мапирани врз основа на длабочински мониторинг на тендерите на 37 акционерски друштва и претпријатија основани од Владата, Градот Скопје и општините Кавадарци, Гостивар и Струга. Во 2019 година, овие претпријатија склучиле договори за јавни набавки во вредност од 247 милиони евра, што е 27% од вкупните јавни набавки на земјата.

„Констатирани се ризици од корупција кои се манифестираат преку чести и значајни измени на плановите за јавни набавки, како и преку ниската реализација на плановите. Кај 16 од 37 претпријатија, реализацијата на плановите за јавни набавки е пониска од 50%. Највиско ниво на реализација на планот имало АД МИА со 96%, а најниско АД Водостопанство од само 1%.

Концентрацијата на една фирма во јавните набавки на одредена институција, како еден од најрелевантните индикатори за постоење на ризик од корупција, е проблем којшто е евидентиран кај голем дел од анализираните претпријатија и акционерски друштва.

Кај речиси една третина од нив, концентрацијата на набавките кај една фирма е поголема од 40%. Според вредноста на договорите најголем удел на една фирма има кај АД Електрани, а според процентуално учество во АД Водостопанство,“ се вели во истражувањето.

Во него се додава дека третина од таргетираните претпријатија ја применувале нетранспарентната постапка со преговарање без објавување оглас. Високи удели на овие набавки во вкупната вредност на набавките се евидентирани кај Службен весник, со 28% и кај Градски паркинг Скопје, со 22%.

„Кај дури 20 од 37 таргетирани претпријатија уделот на поништени постапки е повисок од 20%. Честите поништувања на тендерите претставуваат индикатор за постоење ризик од корупција. Најголеми поништувања на тендерите имале МЖ Транспорт, Национални шуми и ЈСП Скопје.

Големи разлики се констатирани во цените на набавките на ист вид производи и услуги и тоа од 24% до 120%. Еден мегават/час елктричната енергија е купуван по цени од 4.738 до 5.888 денари. Еден топ хартија за печатење ( бела боја, 80 грама и А4 формат) е купуван од 158 до 349 денари.

Претпријатијата им плаќаат на агенциите за обезбедување, за едно лице за физичко обезбедување на месечно ниво 24.255 до 36.875 денари. За привремени вработувања се користени услуги од специјализираните агенции на кои им се плаќала провизија од 0,01 % до 8,90 % од бруто примањата на работниците. Нафтените деривати, пак, се купувани по највисоките малопродажни цени,“ се додава во истражувањето.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Струшки „Илинден“ го доби тендерот на ЈП за одржување патишта за набавка на битумен вреден 8,5 милиони евра

Редакција

МВР и Министерството за одбрана подготвени да помогнат со службениците кои не одат на работа, а земаат плата

Редакција

(Галерија) Како изгледа Ист Гејт Мол

Редакција