еМагазин
Image default
Македонија

ДИК со детали: Гласањето тече без никакви проблеми

Државната изборна комисија (ДИК) информираше дека веќе се отворени гласачките места во 32 наши дипломатско конзуларни претставништва во странство каде што 1.781 гласачи кои се пријавиле и чии пријави се прифатени од ДИК имаат можност да го остварат своето гласачко право.

Исклучок се само гласачките места во САД, кои ќе бидат отворени во 7 часот, согласно временската зона на ДКП.

„На гласачките места во 13 казнено поправни установи своето гласачко право денеска ќе можат да го остварат 1.640 гласачи. Сите гласачки места во казнено поправните установи се отворени утрово во 7 часот и гласањето таму ќе трае до 19 часот. До овој момент гласањето тече без проблеми.

Во текот на денешниот ден своето гласачко право во единствениот центар за внатрешно раселени лица ќе можат да го остварат и 7 гласачи кои се водат како внатрешно раселени.

Во текот на денешниот ден избирачките одбори ќе го спроведат гласањето на лица кои се болни или немоќни, или во куќен притвор, а до општинските изборни комисии доставиле известувања со соодветна документација. Во своите домови гласачкото право ќе го остварат 3.539 граѓани кои се пријавиле како болни или немоќни, како и 12 граѓани кои се пријавиле за гласање, а се во куќен притвор“, се вели во соопштението.

За прв пат гласаат и гласачи во два старечки дома. Гласачките места се отворени и таму, а 71 гласач ќе имаат можност да гласаат.Постои изразен интерес и за набљудување на овие избори од страна на домашни и странски организации и медиуми.

Државната изборна комисија издаде акредитации за набљудување на 3.150 домашни, 419 странски набљудувачи, 289 преведувачи и 20 странски новинари.

ДИК во пресрет на Претседателските избори 2019 ја спроведе едукативната кампања „Глас по глас“ во чиј склоп го организираше и едукативниот караван кој посети 15 градови низ државата. На караванот беа поделени едукативни и информативни материјали за заинтересираните граѓани, кои содржат информации за начинот на остварување на избирачкото право, постапката за гласање, како и забраните на гласачките места.

„Во оваа прилика сакаме да ги потсетиме гласачите дека, согласно Изборниот законик и упатството донесено од Државната изборна комисија, своите гласачки ливчиња треба да ги обележуваат со заокружување на редниот број пред кандидатот за кој што сакаат да гласаат, со хемиско пенкало во сина боја.

Активен е и бесплатниот телефонски број 0800 555 444, на кој заинтересираните граѓани можат да се јават и да постават прашање или да остават коментар до Државната изборна комисија, заедно со своите податоци за контакт, на кои би добиле одговор на поставеното прашање“, додаваат од таму.

Новина која ја воведуваме во однос на комуникацијата со граѓаните е тоа што за граѓаните со оштетен слух и говор на денот на изборите активен ќе биде телефонскиот број 076 488 360 на кој преку видео повик ќе можат да постават прашање до Државната изборна комисија и да добијат одговор на македонски знаковен јазик.

На сите граѓани на располагање им се и интернет страницата на ДИК www.sec.mk, како и страниците на социјалните мрежи Фејсбук и Твитер и каналот на Јутјуб. Таму можете да најдете правовремени и точни информации поврзани со изборите.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Рецептите за хронично болните пациенти од утре ќе се издаваат електронски, наскоро и за другите осигуреници

Редакција

Моника Зајкова избрана за нова претседателка на Либерално-демократската партија

Редакција

Во Штип ќе бидат затворени пет конфекции, 600 луѓе ќе бидат ставени во самоизолација

Редакција