еМагазин
Image default
Македонија

Доделени наградите „Никола Младенов 2021“

Новинарката Ирена Каревска е добитник на наградата за најдобра истражувачка сторија „Никола Младенов 2021“, што синоќа ја додели Македонскиот институт за медиуми (МИМ).

Таа наградата ја добива за серијалот од 10 ТВ прилози преку кои го истражува случајот со набавката на софтвер за автоматско казнување на  сообраќајни прекршоци од страна на поранешниот секретар на Владата, Драги Рашковски, објавени во емисијата „360 степени“ на Алсат ТВ.

Новинарката Катерина Топалова е добитничка на наградата за најдобар иновативен новинарски производ, а фоторепортерот Игор Бансколиев за фотографијата на тема „Херојот од Дељадровце“ објавена во дневниот весник „Нова Македонија“ е добитник на наградата за најдобра репотерска фотографија.

На годинашниот конкурс објавен на 9 февруари и траел до 7 март пристигнале 29 стории обработени низ 88 текстови и видео прилози во категоријата најдобра истражувачка сторија, 13 стории во категоријата најиновативен новинарски производ и 15 фотографии во категоријата најдобра репортерска фотографија.

Одлуките ги донесе Комисијата за доделување на новинарските награди во состав Јадранка Костова, главна уредничка на „Фокус“, Борис Грданоски – фоторепортер, Александар Манасиев, Верица Јорданова, претседателка на Управниот одбор на МИМ и Билјана Петковска, директорка на МИМ.

Комисијата одлучи да додели пофалница за истакнат новинарски ангажман во категоријата најдобра истражувачка сторија на новинарот Влатко Стојановски.

Комисијата изразува задоволство од квалитетот на пристигнатите трудови, особено во категоријата истражувачки стории. Одлуките на Комисијата се донесени едногласно, а членовите го истакнуваат квалитетот на неколку пријавени стории како на Гоце Трпковски, на Бојан Шашевски, Валентина Вурмо и Соња Колевска-Делевска.

Каревска се заблагодари за наградата и рече дека за неа тоа е обврска да остане во оваа професија, која како што рече, не е така атрактивна кај нас. Посочи дека многу млади новинари немаат услови и шанса за да ја работата својата работа и да бидат чувари на демократијата. Изрази надеж за позитивни промени и на што повеќе новинарски стории кои ќе предизвикаат промена.

Директорката на МИМ, Петковска нагласи дека од самиот почеток се залагаат новинарството во земјава да го добие статусот на јавно добро за кое треба да се грижат сите, особено медиумите чиј интегритет е клучен за остварување на оваа цел. Се осврна на работата во изминатите 20 години, на развојот на технологијата и влијанието врз новинарските содржини.

Според неа, нашата држава, пред се, политичките елити во спрега со бизнисот не направија значителни чекори со кои ќе помогнат новинарството и медиумите да го добијат општествениот стаус кој има припаѓа. На медиумите и на новинарството, како што рече, се уште се гледа како на алатка за добивање и одржување на моќта.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Инцидент на гласачко место во Општина Аеродром, лицето приведено

Редакција

(Мапа) Куманово „печен“ за карантин, кумулативната инциденца над 140

Редакција

Во Дебар двајца новозаразени, еден починат од Ковид-19

Редакција