По нејзината прва книга „Превртена љубов“, излезе и втората „Синиот час“ од писателката Дора Попова Узуновски. По промоцијата во Скопје, следува и Битола.
Попова-Узуновски е психолог, психотерапевт, гешталт терапевт и м-р по клиничка и советодавна психологија. Основач е на Центарот за применета психологија “Дора“ од 2015 година, каде се уште активно работи. Многупати ќе каже дека нејзината професија во голема мера влијае на квалитетот на приказната, особено во психологизацијата на ликовите и градењето на нивните карактери.
„Психолошките книги неретко знаат да бидат комплицирани, оптоварувачки или тешко разбирливи за читателите, посебно во време кога се конзумира се што е инстант и вниманието е тешко одржливо“, вели таа во интервју за еМагазин.
Подеднакво е интересна за разговор како за пишувањето така и за професијата која што ја работи.
Промоциите на вашата нова книга „Синиот час“ се во тек, па следна е Битола. Како ги доживувате тие средби со читателите и колку тој однос автор-читател е важен?
-Секоја средба со читателите, јас едвај ја чекам. Читателите не се само обична публика од која треба да го земете восхитот или нивното обожавање и ништо повеќе од тоа. Ми се чини дека ако писателот се ограничи само на таа цел, квалитетот на неговиот успех нема да биде долгорочен.
Читателите се многу повеќе од тоа. Кога тие почнуваат да ви бидат наклонети, тоа е бидејќи ве запознаваат вас преку вашите дела, тоа е бидејќи вие допирате до нив и нивната душа и тоа е бидејќи во вашето парче душа, тие го пронаоѓаат и своето. Вие сочувствувате со нив и тие со вас.
И во таа реципрочност нема потреба од многу изрекување на зборови. Секоја нова средба со нив е разбирилива преку насмевка или поглед и ништо повеќе од тоа не е потребно, бидејќи во основа, се е кажано преку приказната. Само се чека некоја нова приказна, каде што би било кажано нешто ново.
Книгите живеат онолку колку што се читаат, дали сте задоволни од одзивот на читателот во однос на вашите книги имајќи предвид дека ова е ваша втора книга? Какви се нивните реакции најчесто?
-Досега можам да кажам дека сум презадоволна од одзивот и од коментарите, имајќи предвид дека добар дел од читателите ми се обраќаат со возбуда уште на не цела прочитана книга. Тоа посебно ме радува, бидејќи мојата цел е секој да може да ја разбере пораката на приказната во романот.
Психолошките книги неретко знаат да бидат комплицирани, оптоварувачки или тешко разбирливи за читателите, посебно во време кога се конзумира се што е инстант и вниманието е тешко одржливо.
Но да умеете комплицираното да го објасните на едноставен и интересен начин преку приказна, која притоа будно го одржува вниманието на читателот, сметам дека е вистинска уметност.
Во содржината на „Синиот час“ преовладуваат и елементи од психологијата и психотерапијата, она што всушност е вашата професија. Дали тоа во вашиот случај е предност бидејќи на ликовите од книгите им давате психолошка димензија во која може да се пронајде секој читател?
-Па можам да кажам дека тоа што сум психолог и психотерапевт во голема мера влијае на квалитетот на приказната, особено во психологизацијата на ликовите и градењето на нивните карактери.
Впрочем, неколку пати до сега веќе имам напоменато дека јас додека пишувам најмногу уживам токму во тој психолошкиот дел на творењето и главната поента во моите приказни е тоа како интрапсихичките процеси во една личност влијаат на интерперсоналните односи кои таа личност ќе ги изгради со другите луѓе, особено во една љубовна, семејна или деловна релација. Тој тип на приказни ми се омилени, а исто така и на добар дел од читателската публика.
Дали врз пишувањето ви влијаат сите оние луѓе кои секојдневно поминуваат низ вашиот Центар за применета психологија?
-Хаха, до сега искрено не… Или можеби да, ама повеќе потсвесно, индиректно. Ама во иднина дефинитивно ќе биде да.
Дали сметате дека секој човек е посебна книга која може да биде напишана?
-Апсолутно. Секој човек има своја приказна која е уникатна и неповторлива, меѓутоа колку е интересна, зависи од него самиот како го живее животот. Јас не верувам во здодевен живот, верувам дека луѓето сами си го прават таков. Или едноставно, тоа што е интересно за некого, за некој друг може да биде здодевно и обратно.
Колку пишувањето книги или воопшто некакво изразување во писмена форма, може да влијае терапевтски?
-Пишувањето може многу да влијае тераписки, особено кај луѓе на кои вербалната експресија им е тешка. Во психотерапијата, постои една домашна задача која се дава на одредени клиенти, а тоа е водење дневник за нивните чувства.
На тој начин, тие стапуваат во подлабок контакт со емоционалниот дел во себе, посебно оној што им е непријатен и болен за соочување, а е неопходен за излекување на нивната душа. Со пишувањето, емоциите се вадат надвор и а со тоа се ослободува и енергијата од нив, која инаку предизвикува тензија ако се чува.
Имајќи предвид дека душевниот мир е нешто што не може да се купи туку секој човек треба да го создаде и притоа магична формула нема, како човек во ова време да го пронајде?
-Човек единствено во себе може да го пронајде мирот, ама прво откако ќе ја пронајде љубовта кон себе. Само љубовта може да предизвика чувство на мир. И знам дека оваа реченица сите ја слушаме често и веќе е станата популарно клише, ама таа е вистината. Само тоа што никој не го кажува е како да стигнеме до таму.
Јас се што знам е дека тој пат е макотрпен и дека до него се стига преку “трњето“ и соочувањето со сопствените болки и повреди, а таму луѓето некако имаат отпор да влезат. Ми се чини кога сите би спремни да го изодат патот кој води до мирот кон себе, светот би бил сосема поинакво место за живеење.