еМагазин
Image default
Македонија

Државјани на Албанија, кои се здобиле и со македонско државјанство сведочеа во случајот „Титаник“

Државјани на Република Албанија од Пустец, кои добиле државјанство и на Република Македонија, сведочеа денеска на судењете за случајот „Титаник“.

Пред кривичниот совет прв исказ даде сведокот Сандре Симони, кој посочи дека е роден во Пустец, Република Албанија, но од 2000 година живее во Јанковец, Општина Ресен.

„Во 2001 година добив државјанство на Република Македонија. Избирачкото право го остварував во Јанковец, односно освен тука сум гласал и во Тирана. Не се сеќавам на годината, но еднаш во Тирана гласав за претседателски избори, додека во Јанковец за парламентарни“, изјави сведокот Симони.

Слично како сведокот Симони, свој исказ даде и Кочо Насто, од Корча, кој во Ресен живее од 2008 година (државјанство добил во 2010 година).

„Избирачкото право го остварувам во Ресен. Во 2014 година гласав и во Албанија (Тирана). Јас сум државјанин на Република Албанија, па имам право и таму да гласам. Имаше список за гласање, никој не ме принуди да гласам. Од никого не добив финански надомест за да гласам“, рече сведокот Насто.

На предлог на обвинителството судот го сослуша и сведокот Ана Ридо, од Мала Преспа, Република Албанија, кој од 2008 година се здобила со државјанство на Република Македонија. Од страна на обвинителката Лиле Стефанова, таа беше прашана дали на трето лице дала полномошно за поднесување барање за избирачкото право да го остварува на друго место освен во Ресен.

„Полномошно на никого не сум дал. Лично не сум поднесол вакво барање“, изјави сведокот Ридо.

За истите околности беше прашан и сведокот Доника Каламовска, која рече дека нема дадено полномошно на никого за поднесување на барање избирачкото право да го оствари на друго избирачко место.

Во овој предмет освен Никола Груевски, кој е во бегство, обвинети се и Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска-Бошковски, Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристоски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашјаковска.

Тие се осомничени за злосторничко здружување, злоупотреби во изборниот процес и финансирањето изборна кампања.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Зеколи: Заев, не паламуди, туку објасни дали со Биг Мајк се имаш сретнато како премиер или како приватен директор на марихуана-трејд

Редакција

За вицепремиерката Грковска обвинувањата за непостапување за Мерко од страна на Антикорупциска биле паушални и неосновани

Редакција

Со изведување на докази од Обвинителството продолжи судењето за случајот „Плацеви на Водно“

Редакција