еМагазин
Image default
Македонија

Државно правобранителство: Имаме цврсти докази против обвинителите Ајро и Бубевски

Со реакција на заедничката изјава на обвинителите Гаврил Бубевски и Артан Ајро се јавија од Државното правобранителство.

“Дадената заедничка изјава претставува личен став на пријавените лица како обвинители, а не став на Јавното обвинителство кое допрва треба да постапува по поднесената кривична пријава.

Наводите на обвинителите дека во предметот “Труст“ ги превземале сите мерки и активности во нивна надлежност, при што задача на обвинителството било да ја лоцира имотната корист, да побара од судот нејзино замрзнување и на крајот на судската постапка да предложи нејзина конфискација, се зборови без конкретни докази.

Што точно лоцирале, на кој имот предложиле замрзнување и на кој имот е мерката конфискација – имот кој не е на Трансмет, имот кој истовремено е предмет на времена мерка и кој е предмет на гаранција?

Да предложат конфискација на имотната корист, да, тоа го сториле, ама на имот кој е целосно оптоварен со хипотеки и други стварни права. И што сега со имотот и што со извршената конфискација.

Обвинителите во својата изјава не образложија зошто не превземале ништо кога се утврдило дека имотот не е на Трансмет, и зошто тогаш не предложиле проширена конфискација спрема трети лица.

Што направиле за да спречат ова што сега се случува? Кои докази ги предлагаат во поткрепа на нивните наводи. Истите не кажуваат зошто согласно член 541 став 5 од ЗКП не доставиле барање во рамки на кривичната постапка да се утврди дека правните дела со кои е оптеретен имотот предмет на конфискација се неважечки, кое нешто никако неможе да биде обврска на Државното правобранителство.

Потребно е да се објасни околноста зошто во кривичната постапка не е повикан државниот правобранител.

Државното правобранителство на Република Северна Македонија излезе со конкретни докази, со образложени наводи, донесени пресуди.

Поднесената кривична пријава е поткрепена со датуми, со документи, со судски одлуки, па “ценетите“ обвинители ќе имаат можност дел по дел да се произнесуваат по секој од нив.

Каде беа овие обвинители во текот на 2021 година кога државниот правобранител на Република Северна Македонија алармираше до сите институции за проблемот со Трансмет. Никаде.

Откако излезе во јавност кривичната пријава дури сега се најдоа повикани за да дадат некои појаснувања, а кои најмногу се однесуваат на префрлување на вината на друг, па дури и на емисијата КОД, во која емисија беа презентирани докази прибавени согласно Закон за слободен пристап до информации од јавен карактер, која е трета по ред емисија на тема конфикација на имотот на Трансмет и во која е користена документација која е прилог на кривичната пријава.

Државното правобранителство има цврсти докази и жалосно е што ја работи работата на обвинителите, кои морале да ја вршат својата главна надлежност, да гонат сторители на кривични дела и да не дозволат истите да се извлечат со незначителна санкција и да го заштитат јавниот, а не приватниот интерес.

Обвинителите изјавуваат дека стечајната постапка е поведена меѓу првостепената и второстепената кривична пресуда што не е точно. Стечајната постапка е отворена со Решение на Основен суд Скопје 2 Скопје од 04.09.2019 година објавено во Сл.весник на РМ бр. 192 од 18.09.2019 година, а по правосилност и извршност на кривичната пресуда.

Од ова произлегува дека префрлање на одговорноста на Државното правобранителство во стечајната постапка претставува груба манипулација, спротивна на фактите кои произлегуваат од доказите доставени кон кривичната пријава и спротивно од законските одредби.

Самите обвинители во својата заедничка изјава се контрадикторни кога прво изјавуваат дека стечајната постапка е поведена меѓу првостепената и второстепената кривична пресуда, а подолу во текстот наведуваат дека стечајната постапка е по правосилноста на пресудата.

Нејасно е како пријавените обвинители се служат со невистини кога изјавуваат дека наводно стечајниот судија кој ја водел стечајната постапка му предочил на државниот правобранител дека дел од имотот кој е предмет на стечајно побарување е предмет на конфискација кога таква законска можност и овластување нема за стечајниот судија.

Непостапувањето е исклучиво на страна на пријавените јавни обвинители на штета на имотот на државата. Обвинителите во своето постапување и при давањето на изјавата воопшто го немаат во предвид член 154 од Законот за сопственост и други стварни права.

Во стечајната постапка имотот на Трансмет бил веќе запишан во катастарот на недвижности на РСМ-Агенција за управување со одземен имот и не бил имот на Трансмет, кој евентуално би требало да биде предмет на излачна пријава. Поради пропусти на јавните обвинители овој имот останал оптоварен со хипотеки и товари.

Укажуваме на јавноста дека ниту една закана и истакнати невистини и манипулации нема да го поколебаат Државното правобранителство да превзема мерки и дејствија за заштита на имотот, вклучително и опстојување на поднесената кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поткрепена со материјални докази“, велат од Државното правобранителство.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Ајро и Бубевски: Ги отфрламе како невистинити сите наводи во кривичната пријава од Државното правобранителство за „Труст“

КОД: Поранешни обвинители на СЈО осомничени за „злосторничко здружување“ заедно со Сеад Кочан

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Судење за „27 април“: Ќе се сослушуваат сведоци на обвинетиот Богдан Илиевски-Бетмен

Редакција

(Видео) Никој не врши притисок врз историската комисија, ниту пак таа врши некакво предавство, вели Тодоров

Редакција

Излезноста до 18.30 часот е 48,46%

Редакција