Еден позитивен случај и тројца оздравени е новиот денешен биланс во однос на ситуацијата со корнавирусот во Берово, откако завчера вирусот ја зеде и втората жртва во овој град.
Заради новонастанатата ситуација, градоначалникот на Општина Берово Звонко Пекевски упати апел до сите жители за почитување на мерките за заштита од корона вирусот, а особено држење дистанца и носење на маска.
„Благодарение на досегашната одговорност, во Берово до сега имаше мал број на заразени од Ковид-19. Апелирам за лична одговорност со која допренесувате во колективната одговорност, не го загрозувајте вашето и здравјето на вашите блиски и имајте во предвид дека на пандемијата од Ковид-19, никој не е имун.
Воедно апелирам, секој кој ќе забележи било каков симптом на Ковид-19, или е без симптоми, но имал контакти со заболени лица, веднаш да се јави на својот матичен лекар, за благовремено да се постапи согласно протоколите на здравствените установи и до моментот на добивање на резултати од тестирањето, да се самоизолира“, истакна Пекевски.
Тој посочи дека општината, инспекциските служби и органите на ред и мир делуваат цело време во рамки на своите институционални надлежности, но индивидуалната одговорност, како што рече, останува на секој поединец.
„Мораме да сфатиме дека сите ние и секој од нас има лична одговорност да го штити своето здравје, здравјето на своите најблиски и јавното здравје на сите нас. Само така брзо и ефикасно, вирусот ќе почне да го снемува и ќе бидеме поблиску до нормалниот живот.
Носете маска, кога тоа е потребно, држете дистанца кога тоа е потребно, почитувајте ги мерките кои се предлагаат од здравствените експерти. Укажувајте им на сите оние кои не ги почитуваат мерките од различни причини. Мораме да допреме до сите, бидејќи вирусот не го интересира дали оној кој го има, добива или пренесува, верува во неговото постоење или не“, рече Пекевски.
Во оваа општина моменталната бројка на позитивни пациенти од Ковид-19 изнесува шест лица.
МИА/Фото: Општина Делчево
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Само Чаир, Аеродром и Гази Баба со повеќе од 100 активни случаи на Ковид-19
Детален преглед на состојбата по болниците каде се лекуваат пациенти со Ковид-19
Убава вест: 187 оздравени пациенти од Ковид-19, најмногу од Скопје
Нови 103 случаи на Ковид-19, најмногу во Куманово и Гостивар