еМагазин
Image default
Македонија

Покрај во Тетово, и во Лешок третман со кислородна поддршка на заболени од Ковид-19

Откако се заразиле со Ковид-19 на болничко лекување поради потреба за рехабилитација со соодветен медицински третман 10 пациенти се наоѓаат и во Специјалната болница за белодробни заболувања и ТБЦ во тетовски Лешок. Станува збор за процес во кој е потребна кислородна поддршка, но со помал обем, објаснуваат од болницата.

– Тоа се пациенти на кои им е потребна помала количина на кислородна поддршка односно добиваат концентратори до пет литри кислород во минута. Тоа е помалку за разлика од болничките услови со централен довод на кислород каде пациентот добива 15 литри кислородна поддршка во минута, изјави директорот на болницата Исмаил Ваити.

Во болницата во Лешок пациенти заразени со Ковид-19 се примаат речиси еден месец.

– Со тоа им излегуваме во пресрет на колегите од Клиничката болница во Тетово. Сите пациенти заболени од Ковид-19 кои се лекуваат во нашата болница се во стабилна состојба. Тоа пред се се полесни случаи кои се донесени од Интерното одделение на тетовската болница за таму да се ослободи простор за потешките болни.

Во нашата болница во Лешок нема централен довод на кислород туку имаме само концентратор за кислород и затоа ние не можеме да опслужуваме тешки случаи, но за овие полесните имаме добри услови за нега на заразените со Ковид-19, вели д-р Ваити.

За овие лица изолиран е еден кат од болницата, додека вториот кат е за болните од белодробни заболувања.

Кризниот штаб при општина Тетово по денешниот состанок информираше дека во тетовската клиничка болница во моментов 45 лица добиваат соодветен здравствен третман и се на кислородна поддршка.

– Од 45-те хоспитализирани само четворица се со полесни симптоми, додека сите останати имаат потреба од кислородна поддршка, истакна  Гзим Нуредини, координатор на Ковид-19 центарот.

Според кризниот штаб повторно бројката на активно болни во моментот е над илјада лица.

– Вкупниот број на лица кои се дијагностицирани досега е 3.526. Од оваа бројка досега 2.287 лица се излекувани, а 140 се починати, со тоа бројот на активни случаи во Тетово и пет општини е 1.004 лица. Епидемиолошката состојба и понатаму останува критична, бројките се зголемуваат, а медицинскиот персонал, иако со крајни сили, продолжува посветено да работи во битката со Ковид-19, истакна градоначалничката Теута Арифи.

Во градинките има шест активни случаи и една група во изолација.

– Има 16 позитивни наставници во основните училишта, а осум паралелки се во изолација. Во средните училишта имаме 22 позитивни наставници со Ковид-19, информира Арифи.

Во текот на изминатите седум дена од 16 до 23-ти овој месец, според податоците од СВР – Тетово за неносење заштитни маски издадени се наредби за помали прекршоци на вкупно 328 луѓе.

МИА/Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Кривичниот суд чека мислење од Обвинителството да се произнесе за екстрадицијата на Морина

Редакција

Починаа уште четворица пациенти од корона вирусот, вкупно до сега 110

Редакција

Истрага и барање за притвор за струмичанецот кој го возеше Палевски од Србија до Турција, адвокатот засега останува на слобода

Редакција