Скопје наскоро ќе добие нов хотел со 5 ѕвезди. Станува збор за „Лимак Скопје Хотел“, дел од мултифункционалниот комплекс „Diamond of Skopje“, кој е во изградба, инвестиција од 250 милиони евра на Лимак гупацијата.
еМагазин имаше ексклузивна можност да види како ќе изгледа хотелот, кој ќе има вкупен капацитет од 142 соби, вклучувајќи и еден претседателски апартман.
Според главниот извршен директор на Лимак Скопје, Куртхан Апајдин, хотелот целосно ќе биде подготвен за отворање во декември годинава, но сѐ ќе зависи како ќе се одвиваат работите со пандемијата со Ковид-19.
Хотелот ќе ја има една од најголемите турски бањи во Македонија
Онаа што прво ќе Ви падне во очи кога ќе влезете во хотелот е чувството дека не се штедело баш на ништо и во корона-криза. Речи насекаде е користен мермер од Италија и Турција.
Освен ресторанот за гостите на хотелот, тој има и скај бар, лоциран на врвот од објектот.
Во спа центарот на хотелот за прв пат во Македонија ќе биде промовиран и брендот Шива.
Интересно е дека во хотелот се наоѓа и една од најголемите турски бањи (амам) во земјава, во кој се вградени специјални природни мермери – Кемал паша бел мермер и екватор мермер од Мармарис, кои имаат долга традиција на користење во Турција и е карактеристичен за турските амами.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
ЕКСКЛУЗИВНО: Како изгледаат и колку чинат становите во „Diamond of Skopje“ на Лимак групацијата
„Diamond of Skopje“ ќе ја има втората по големина зелена површина во Скопје
„Diamond of Skopje“ опфаќа површина од 45.000 квадратни метри, каде ќе биде сместен голем трговски центар и станбен комплекс кој првите станари ги очекува во 2022 година.
„Diamond of Skopje“ ќе ја има и најголемата зелена површина која се простира на околу 11.000 квадратни метри, втор по големина зелен појас во Скопје, веднаш по Градскиот парк.
Тоа ќе им овозможи простор за спорт и рекреација на жителите на „Diamond of Skopje“ во урбана средина, задоволувајќи ги потребите на модерниот човек, велат од компанијата.
Целиот комплекс ќе располага со затворен паркинг простор со 3.200 места.
Која е Лимак групацијата
Лимак е интернационална компанија, во која работат 60.000 вработени во градежништво, енергетика, туризам, инфраструктура и други дејности.
Во портфолиото на Лимак се и светски познати мега проекти, како новиот аеродром во Истанбул Istanbul Grand Airport, мостот Чанак кале 1915 и новиот терминал на меѓународниот аеродром во Кувајт чија вредност е 4,3 милијарди долари и претставува најголемиот договор што е доделен на странска градежна компанија.
Лимак има активни проекти во повеќе земји во светот, како Русија, Украина, Косово, Албанија, Пакистан, Саудиска Арабија, Кувајт, Мозамбик и Брегот на слонова коска.
Вкупната вредност на реализираните проекти е над 10 милијарди долари, а има над 100 проекти, почнувајќи од аеродроми и пристаништа, преку брани и постројки за наводнување, експресни патишта и гасоводи, индустриски објекти и нафтоводи и објекти за одмор и комплекси за домување.
Лимак е рангирана на 61 место на престижната листа на 250 најдобри градежни компании во светот што ја прави ЕНР (Engineering News Records). Новото рангирање за Лимак е искачување за шест места погоре од минатогодишното рангирање кога компанијата беше на 67 место на истата листа.