еМагазин
Image default
Балкан ТОП СТОРИИ

„Ер Србија“ поради притисоците ги намалува летовите за Москва

„Ер Србија“ ги презеде слотовите на рускиот „Аерофлот“ и моментално има 15 летови неделно до Москва, но поради притисокот што доаѓа од Европа во последните денови, ќе се врати на „фабричките поставки“, соопшти Политика, јави дописникот на МИА од Белград.

Тоа значи дека „Ер Србија“ ќе лета за Москва осум пати неделно, а можеби и два пати до Санкт Петербург во форма на чартер лет, како и пред украинската криза.

Политика наведува дека авионски билет од Белград до Москва не може да се купи за овој месец.

-Вчера во еден момент, рано наутро, на сајтот на „Ер Србија“ се појавија билети за оваа недела по цена од околу 140.000 динари (1.190 евра) во еден правец, но за неколку минути се распродадени.

Доколку не ви се брза, можете да купите билет за средината на април по цена од 27.000 (230 евра) до 42.000 динари (356 евра), доколку успеете да се качите во авионот, бидејќи бројот на летови очигледно ќе биде ограничен, пишува Политика.

Санкциите наметнати од европските земји кон руските авиокомпании, односно забраната на руските авиони да го користат воздушниот простор на ЕУ поради инвазијата на Украина и контрасанкциите наметнати од Русија врз компаниите од тие земји, ненамерно ја направија Србија единствената земја чија авиокомпанија може слободно да оперира меѓу европските дестинации и Русија.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ изјави дека за неколку дена „Ер Србија“ повторно ќе има само еден лет дневно до Москва, бидејќи против Србија се води хајка во која се наведува дека Белград ги удвоил авионите за Москва, за да заработи на „украинската крв“, додавајќи дека „никој нема да ги допре оние во НАТО, кои се делумно во Европа, а дел во Азија, а имаат 30 пати повеќе летови за Москва од нас“, наведувајќи дека мисли на Турција.

Ова е неговиот одговор на заменик министерката за надворешни работи на Украина, Емина Џепар, која рече дека „Ер Србија“ го удвоила бројот на летови за Москва во моментот кога другите европски авиопревозници ги запреле и им го затвориле воздушниот простор за руските авиокомпании и приватни летови.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Украина ја обвини Србија за воено профитерство

Србија е единствената земја во Европа со отворено небо кон Русија.

-Заработувањето пари од украинска крв е недостојно за земја кандидат за ЕУ, рече таа.

И европратеникот и поранешниот министер за надворешни работи на Естонија, Урмас Пет, смета дека на „Ер Србија“ треба да му се забрани летањето во воздушниот простор на ЕУ, бидејќи Србија ги игнорира санкциите на унијата кон Русија.

„Ер Србија е прозорец кон Европа за Русија“, напиша тој на својот Твитер профил.

Медиумите во Србија пишуваат дека досега се пријавени четири лажни дојави за подметнати експлозивни направи на летовите од Белград за Москва, од кои само вчера имало две такви дојави.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Несовесни граѓани фрлаа отпад од мост директно во реката Вардар

Редакција

Бугарија од 13 мај ја отвора сезоната за домашни туристи, во преговори и за странски

Редакција

Откриена е нова варијанта на коронавирусот со повеќе мутации, се испитува колку е заразна

Редакција