еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

„Еурактив“: Се чека на поцврст став од Брисел за да се смират страстите откако „нон-пејперот“ со предлог за промена на границите го размрда Балканот

Поцврст став од Брисел, што очигледно недостасуваше минатата недела во врска со контроверзниот документ во којшто се предлага промена на граници на Западен Балкан, ќе ги смиреше страстите во регионот, сметаат аналитичарите.

Во исто време, регионални и меѓународни аналитичари со кои порталот „Еурактив“ контактираше, остро ги отфрлија идеите за „фантомскиот“ нон-пејпер.

Минатата недела љубљански портал објави „нон-пејпер“ напишан наводно од словенечниот премиер Јанез Јанша или негов близок соработник, во кој се предлага можна промена на границите „за да се адресира малаксаноста што постои во поранешна Југославија“, наведува „Еурактив“.

Јанша демантираше дека го напишал документот, додека Канцеларијата на претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, не можеше да негира дека го добила документот, ниту пак даде дополнителни коментари.

Вицепремиерот за европски прашања на Северна Македонија, Никола Димитров, чија земја би била засегната од предложената промена на границите, го нарече „опасен“ концептот за големи држави со етнички граници, наведува порталот.

Димитров за „Еурактив“ вели дека единствен соодветен одговор на овие дебати ќе биде зајакнат и видлив напредок на европската интеграција во регионот.

– Ние треба да се фокусираме не на создавање големи држави, туку на големи европски демократии и големи економии во регионот. Перцепцијата на избледување на европската перспектива на Балканот минатата година, можеби има врска со ова повторно раѓање на вакви спротивставени визии, вели тој за порталот.

„Еурактив“ наведува дека ова не е првпат да се предлагаат размена на територии како решение на политичките проблеми на Балканскиот полуостров. Идејата, која се обновува на неколку години, наводно била дискутирана и во 2018 година меѓу српскиот претседател Александар Вучиќ и тогашниот косовски претседател Хашим Тачи, кој оттогаш беше обвинет за воени злосторства.

Тогаш Европската комисија наводно прво го поддржала планот, што подоцна беше отфрлен по острото спротивставување од страна на Берлин, наведува порталот.

Марко Прелец, поранешен директор за Балканот на Меѓународната кризна група и професор на Централниот европски универзитет, вели дека нон-пејперот е „еден вид на Роршахова дамка, кој и да ја погледне, го гледа она што сака да го види“.

– Реакциите повеќе кажуваат за луѓето кои реагираат, отколку за наводниот нон-пејпер, вели аналитичарот, искажувајќи сомнежи за потеклото на документот.

Според него, од голема помош ќе биде доколку Европската Унија заземе поцврст став против овој документ.

– Великодушното толкување е тоа што Брисел и некои земји-членки не се сигурни дали е паметно едноставно да се обидат да го негираат неговиот кредибилитет со тоа што не коментираат или да излезат и да го осудат. Мислам дека во овој момент е веројатно најдобро да се осуди, смета аналитичарот.

Прелец додава дека документот треба да се гледа во контекст на намалениот процес на проширување којшто изгуби интензитет откако Хрватска влезе во ЕУ во 2013 година.

Португалското претседателство, потсетува „Еурактив“, има за цел да се донесе одлука за проширувањето до јуни, односно да се усвојат преговарачките рамки за Северна Македонија и Албанија, како и да се примени новата методологија на преговарање за Србија и Црна Гора.

Висок дипломат од Брисел за „Еурактив“ вели дека е неопходна одредена акција затоа што „секогаш кога ЕУ не е доволно видливо присутна, регионалната динамика брзо се менува, се формираат опасни наративи и потоа влегуваат трети актери“.

МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Светска банка за годинава ни предвидува инфлација од 2,4% и раст на економијата од 4,6%

Редакција

(Видео) Русија во Украина користи хиперсонични ракети, за какво оружје се работи

Редакција

Црна Гора ја доби првата малцинска влада, ќе ја води Дритан Абазовиќ

Редакција