еМагазин
Image default
БЕНЧМАРК ТОП СТОРИИ

Еврокомесарот за проширување, Вархеји му порачал на Османи дека се работи на старт на преговори годинава

Еврокомесарот за проширување, Оливер Вархеји, кој утрово се сретна со министерот за надворешни работи, Бујар Османи, го уверил дека позицијата на Европската Комисија за старт на преговори останува непроменета, јави дописничката на МИА од Брисел.

По тет а тет средбата на Вархеји и Османи од Европската Комисија за МИА соопштија неколку детали за содржината на разговорите.

-Нашата позиција останува непроменета. Со нетрпение ја чекаме првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија. И двете земји ги исполнија условите и сега е на ЕУ да испорача, му порачал еврокомесарот на шефот на македонската дипломатија, вели портпаролката Ана Писонеро за МИА.

Од Европската Комисија додаваат дека сега откако поминаа изборите во Бугарија, Брисел се надева на брз напредок на терен во решавањето на отворените прашања помеѓу Скопје и Софија.

-Комисијата ќе остане во близок контакт со сите релевантни страни и ќе продолжи да работи со словенечкото претседателство за да се постигне нашата заедничка цел за одржување на првата Меѓувладина конференција со Северна Македонија и Албанија уште оваа година, велат од Европската Комисија и ги охрабруваат С.Македонија и Бугарија да изнајдат заеднички прифатливо решение за билатералните спорови, изјави Писонеро за МИА.

Одлуката за одржување на првата Меѓувладина конференција, која го означува формалното започнување на преговорите за членство со ЕУ, и усвојувањето на преговарачката рамка, се носи во Советот на ЕУ, односно на ниво на земјите членки. Европската Комисија има улога на предлагач.

За сега и покрај сите позитивни сигнали од Европската Комисија и од сите земји членки на ЕУ Бугарија сепак ја блокира Северна Македонија во процесот.

Надежта е дека до 31 декември ќе се изнајде решение.

Министерот Османи вчера за МИА изјави дека “алармот е вклучен“ секаде во Европа како и во САД, но дека никој не може да гарантира дека Софија ќе го крене ветото.

МИА/Фото: МНР

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Казнет пратеникот на СДСМ, Костовски зборувал на телефон додека вози

Редакција

Македонската берза барала одговори од Стопанска банка Битола за порастот на цената на акцијата

Редакција

Наместо 170 милиони евра, граѓаните за „Викенд без ДДВ“ според нецелосни пресметки потршиле 8,5 милиони евра

Редакција