еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи од 17 до 24 август

Фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ во своето 14-то издание ќе се одржи од 17 до 24 август во Скопје и по тој повод на 10 август, на платото пред Младинскиот културен центар, се одржа прес-конференција на која беше објавена комплетната фестивалска програма.

На прес-конференцијата се обратија Дарко Набаков, извршен директор на фестивалот, Петрула Вељановска, дел од програмскиот тим на „МакеДокс“, и Сара Ферро, координатор на МакеКоПроДокс форумот.

„Четиринаесетото издание на фестивалот на креативен документарен филм „МакеДокс“ ќе се одржи под мотото #пресечи (#cutit). Во фокус ја поставуваме монтажата на документарниот филм. Фестивалот ќе се одржи на 4 локации – Куршумли-ан, платото на Музеј на Македонија, Младински културен центар, Даутпашин амам и нашето ново летно кино во Сули-ан.

Најавуваме богата фестивалска програма со повеќе од 100 странски гости, професионалци од документарниот свет,“ истакна Набаков.

Отворањето на фестивалот е на 17 август во Куршумли-ан со проекција на филмовите „Над рудникот“ на Тео Аудоар и Лова Карлсон (Франција) и „Танцувајќи ја Пина“ на Флоријан Хејсен Сиоб (Германија), проследени со концерт на локалната група „Искра“.

Филмската програма на 14. „МакеДокс“ е распоредена во пет категории – Главна програма, Нови автори, Кратки документарни филмови, Студентски документарци и Програмата за деца и младинци. Земја во фокус годинава е Данска.

„Како и секоја, така и оваа година, доста долго време гледавме и ги „динставме“ документарните филмови за на крајот да пресечеме и измонтираме програма со околу 75 филмови кои ќе бидат прикажани на „МакеДокс“. Монтажата како процес на работа и барање на повеќеслојност во филмската документарна приказна е во фокусот на овогодишното издание, а по тој повод и Земја во фокус одбравме да биде Данска.

Заедно со Данскиот филмски институт скроивме програма од 12 дански долгометражни филмови, а го поканивме и светски познатиот дански монтажер Јеспер Осмунд да одржи работилница, со оглед на тоа што данските документарни филмови се секогаш добро скроени, дури доведени до перфекција при монтирањето на филмот,“ рече Петрула Вељановска, дел од програмскиот тим на „МакеДокс“.

Со проекција во рамките на главната програма на 21 август во Куршумли-ан ќе се одржи македонската премиера на креативниот документарен филм „Тело“ (Body) на режисерката и сценарист Петра Селишкар. Станува збор за најново документарно остварување на авторка која досега на „МакеДокс“ ги претставила филмовите „Мојот превртен свет“, „Мама Европа“ и „Бабички на револуцијата“.

На фестивалот ќе се доделат пет награди, „Кромид“, „Млад кромид“, „Сечкан кромид“, „Кокарче“ и Награда за најдобри етички идеи, а во комисиите за наградите членуваат 15 интернационални професионалци од документарниот филмски свет.

Мастеркласовите посветени на процесот на монтажа ќе ги одржат српската режисерка Мила Турајлиќ и хрватскиот монтажер Владимир Гојун на 19 и 20 август во Даутпашин амам. Мастеркласот на Турајлиќ ќе биде поврзан со диптихот документарни филмови „Неврзаните: Сцени од фондот на Лабудовиќ“ и „Филмски герили: Сцени од фондот на Лабудовиќ“, кои ќе бидат прикажани во главната програма на 20 август во Куршумли-ан. Инаку, Стеван Лабудовиќ бил личниот снимател на Јосип Броз Тито.

Како продолжување на претходните успешни искуства, оваа година ќе има работилница за монтажа со данскиот монтажер Јеспер Осмунд и со данскиот критичар Ту Стин Милер.

Работилницата ќе се одржи онлајн на 15 август и ќе продолжи од 18 до 20 август. За работилницата се одбрани четири проекти во фаза на постпродукција од Балканот.

„Петтото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи од 21 до 23 август во Младинскиот културен центар. Првиот ден од форумот го посветуваме на монтажата, со презентација на 4-те проекти од работилницата за монтажа. Потоа ќе се одржи панел-дискусија помеѓу монтажери и продуценти од Балканот.

Претставниците од балканските филмски центри и оваа година се дел од Форумот и тие ќе одржат презентација на можностите за постпродукција и копродуцирање. На 22 август, 11 проекти од Балканот, меѓу кои и два македонски, во различни фази на продукција ќе имаат пичинг и еден-на-еден состаноци со филмски професионалци и гости на фестивалот,“ објасни Сара Ферро, координатор на МакеКоПроДокс форумот.

Меѓу значајните сегменти на фестивалот се „Разговорите под смоквата“, кои ќе се одржуваат секој ден во 18 часот во Куршумли-ан и сегментот „Ноќни приказни“, каде што она што зборовите не можат да го искажат ќе биде оставено музиката да го каже со настап на локални бендови.

За време на фестивалот ќе се одржи втората сесија на петтата генерација „Докуникулци“, кои се дел од работилницата за креативен документарен филм.

„МакеДокс“ во соработка со фестивалот на анимиран филм „Флипбук“ ќе прикаже и неколку наградувани анимирани документарни филмови кои биле дел од програмата „Анидок“.

„Повторно сме во Старата чаршија, повторно сме и во Даутпашиниот амам благодарение на поддршката од Националната галерија. Многу не радува што по 14 години успеваме да влеземе во, за нас, нов простор и со разбирање од деканската управа на Факултетот за ликовни уметности ќе имаме проекции во Сули-ан.

Сакаме да ставиме акцент на важноста на чаршијата, да не го изгубиме тоа културно јадро и да го негуваме со што повеќе култура во самата чаршија, која како простор е значајна за „МакеДокс“, но и за градот Скопје,“ рече Набаков.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Уште седум дена до завршување на Sport Vision Bazaar, од денес со надополнета и освежена понуда

Редакција

Убава вест: Забележан уште еден рис во Маврово

Редакција

ЕВН отвори Тренинг центар за вработени во Македонски Брод

Редакција