Судот за поттикнувачите на насилствата пред Општина Центар, Никола Груевски и Миле Јанакиески треба да изрече најстроги казни за да се одвратат сите други од такви намери во иднина, изјави во завршниот збор обвинителката Фатиме Фетаи на денешното судење за насилствата пред Општина Центар во јуни 2013 година.
Фетаи рече дека од снимените разговори се слуша како првообвинетиот Груевски на 1 јуни 2013 година телефонски од второобвинетиот Јанакиески побарал да се организира протест на поголема група луѓе пред Општина Центар.
„Груевски заедно со Јанакиески преку лицето Томислав Лазаров ги поттикнале лицата градоначалникот Андреј Жерновски да добие неколку шамари и биде исплашен од десетина лица на протест“, посочи Фетаи.
Конечно, тоа што двајцата телефонски договараат, и се случува на 7 и 10 јуни 2013 година.
„Не само што протестираат, туку и ја кршат оградата и прозорците на општинската зграда. Единствено нешто што не се случува е тоа што загрижен граѓанин не удрил шамар на градоначалникот. Ова е единствено отстапување од замисленото дело. Настаните кои следуваат, само ја потврдуваат автентичноста на разговорот“, изјави Фетаи.
Сето ова, според Фетаи, го потврдуваат и изјавите на сведоците.
Обвинетиот Александар Трајковски, појасни Фетаи, е најбучен во обидите да влезат во Општина Центар, што се гледа во видео доказите.
Обвинетиот Дарко Стојчевски, од доказите се гледа како се издвојува од толпата и тропа по прозорците и извикува уаа, уаа.
„Од видеото се гледа како се обидува да го земе мобилниот на Бијлана Секуловска и се заканува дека ќе и удри една. Од друго видео се гледа како ја крши оградата и како фрла со јајца по зградата“, изјави Фетаи.
Обвинетиот Даниел Трипуновски од доказите се гледа како ја тресе оградата, прескокнува и прерипува внатре, додека обвинетиот Трајче Петковски се гледа како лупа по клима уредот и фрла со јајца.
Обвинетиот Игор Бошковски, продолжи Фетаи, се гледа како удира по зградата и со расправа со повозрасни госпоѓи.
Нивните дејствија само се потврдуваат од исказите на сведоците.
„Предлагам судот да ги прогласи виновни и да им изрече соодветни казни, а притоа да се има предвид и интензитетот на дејствијата. За поттикнувачите немам сомнеж дека треба да бидат најстроги за да се одвратат сите други од такви намери.
Во однос на извршителите, сите ги извршиле дејствијата, меѓутоа само за Игор Бошковски предлагам алтернативна казна поради интензитетот на неговите дејствија“, изјави Фетаи.
Адвокатот по службена должност, на првообвинетиот Никола Груевски, рече дека целото дело се докажува само со еден разговор што е нелегално прибавен и го оспоруваме.
„Помилувањето за ова дело за Никола Груевски не може да се отповика. Тоа постоела во моментот на покревање на ова обвинение и судот не смеел да го прифати“, изјави бранителот на Груевски.
Процесот го води судијата Душко Јосифовски.
Обвинителството на почетокот се откажа од гонење за лицата Даниела Рангелова, Милан Андонивски и Борче Богдановски.
МИА/Фото: А1он
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ