Скринингот на учениците за присуство на вирусот на Ковид-19 ќе започне следната седмица, со задоцнување од една недела поради подолгото траење на анализата за опфатот на учениците во основните и средните училиштата, изјави денеска министерот за здравство Венко Филипче.
-Моделот за скринингот е готов. Задоцнивме една недела, требаше да започне оваа недела, но нешто подолго потраја анализата на учениците по училишта, во осоновни и во средни. Со оглед дека сега е подготвена методологијата, од утре ќе започнеме да бараме заедно со Министерството за образование и наука писмена согласност од родителите согласно методологијата.
Јас верувам дека до крајот на оваа и почетокот на следната недела тоа ќе се обезбеди за да во текот на следната недела и практично се спроведе скринингот,“ рече Филипче.
Појасни дека се знае колкава бројка во кој од класовите во кои училишта ќе бидат опфатени согласно бројката на училишта во општините и ученици во тие училишта, и основни и средни. Верува дека тоа брзо ќе се спроведе, бидејќи ќе се прави преку електронскиот дневник, како и поради можноста на родителите веднаш да одговорат.
-Апелирам да го прифатат скринингот. Не е тоа ништо страшно, се зема обичен бриз кај децата, исто како брисевите за детектирање и на други причинители на горнореспираторни инфекции со цел за пократко време да имамаме еден пресек, една слика.
Сега епидемиолошката ситуација е прилично мирна, немаме заболени деца, немаме хоспиталиизрани деца. Десетина до 15 деца се во болницата во Козле и во ниту една друга институција.
Нема податоци за ниту една друга трансмисија во училиштата, но битно е да знаеме дали еветуално би откриле асимптоматски носители на вирусот кај децата, рече Филипче.
Целта на скринингот, како што порано минатата недела изјави Филипче, е да се утврди дали постојат асимптоматски носители на вирусот меѓу децата и дали тој се пренесува во самите училишта. Со скринингот треба да се опфатат околу 8.200 деца, кои ќе се тестираат по случаен избор, за што ќе се бара и писмено одобрение од родителите.
МИА/Фото: МЗ