Министерот за здравство Венко Филипче во изјава за Сител, информираше за заедничкиот состанок на Комисијата за заразни болести со претставници на Министерството за образование и наука, на кој утрово присуствувал и министерот Арбер Адеми, информираат од Министерство за здравство.
„Комисијата за заразни болести смета дека е огромен ризик по здравјето и на учениците и за нивните родители и за вработените на училиштата, доколку училиштата целосно се отворат и да функционираат започнувајќи на почетокот на септември.
Видовме многу примери во многу различни земји во светот кога после отворањето на училиштата, заради очигледно неминовното зголемување на бројот на заразени, делумно или целосно училиштата се повторно затворени. Очигледно дека такво сценарио е можно и кај нас, доколку целосно се отворат училиштата.
Свесни сме дека ова е еден голем предизвик, дека нема идеално решение, ја следиме и дебатата во јавноста, секоја од групите има некои свои аргументи, меѓутоа ние како Министерство за здравство ставаме апсолутно приоритет на заштитата на здравјето на граѓаните, вклучително и на децата коишто треба да тргнат на училиште“, потенцираше министерот Филипче.
Тој посочи дека добро се менаџира здравствениот систем во смисла на слободни болнички кревети, а бројот на пациенти континуирано постепено се намалува, кога се споредува со минатите недели. Континуирано паѓа и бројот на хоспитализирани пациенти.
„Децата имаат многу лесна форма на болеста. Имаме предвидени капацитети во болницата во Козле. Иако и сега таму се лечат и возрасни пациенти и по потреба има капациетети и на педијатриската клиника. Не се само децата во ризик, туку и нивните родители.
Поради тоа што децата се практично најголеми трансмитери, меѓутоа може да заболат и нивните родители. Во таа смисла се нашите насоки сепак да се стави акцент на онлајн наставата, секако со исклучоци кои треба да се дефинираат во текот на утрешниот ден“, информираше Филипче.
Toj истакна дека мора да се заштити јавното здравје, а во исто време мора да се обезбеди функционален едукативен процес многу важен за развојот на детето.
„Пред нас се есенски месеци. Есен која што не знаеме каква ќе биде. Ниту една земја во светот не знае што може да очекува. Епидемијата нема да трае вечно, затоа апелирам сите да бидат трпеливи. И ова ќе помине. Се може да се надокнади освен здравјето“, посочи Филипче.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Наставата се уште под прашалник: МОН да обезбеди детални податоци за бројот на ученици по паралелки
Фото: МЗ