еМагазин
Image default
Македонија

Филипче: Влегуваме во есенски бран, нема да дозволам колегите да клекнат на колена од замор

Министерот за здравство Венко Филипче, изјави дека со вчерашната повторна висока бројка на новозаболени, станува јасно дека влегуваме во очекуваниот есенски бран.

„Иако, многумина не веруваа во најавите дека тој ќе се случи, сепак се докажува дека очекувањата беа реални. Цела Европа во моментов се соочува со нова криза и во повеќе земји има силни рестрикции и нови мерки. Разбирам дека кај сите има голем замор од оваа состојба и дека буквално ви е преку глава од коронавирусот.

Но, верувајте дека заморот е уште поголем кај здравствените работници. Тие седум месеци деноноќно работат да ја одржат состојбата под контрола. Целиот менаџмент и Комисијата за заразни болести даде сѐ од себе изминатиот период да подготви протоколи, да го реорганизира системот и да го дочекаме подготвени есенскиот период.

Како министер нема да дозволам да се преоптовари здравствениот систем и да нема кревети за лечење. Нема да дозволам да клекнат на колена колегите од замор,“ потенцираше Филипче.

Тој истакна дека рестрикции и мерки ќе се носат секогаш кога ќе се процени дека тоа е единствен начин да се заштити системот и јавното здравје.

„Мерките и рестрикциите не се ничија желба или хир. Едноставно мора да разбереме дека тие се единствените алатки кои ни се на располагање за да се заштитиме. Го разбирам целосно гневот на оние кои доследно ги почитуваат постоечките мерки кои се на сила од почетокот и со нив ефикасно се штитат.

За многумина препораките за одржување дистанца, носење маска и редовна дезинфекција се доволни мерки. Во оваа прилика сакам да им изразам голема благодарност и да им честитам на свесноста и совесноста. За жал, новите мерки кои ги носиме мора да се однесуваат за сите и едноставно не може парцијално да се применуваат само онаму каде има непочитување на основните три“, рече Филипче.

Тој потенцираше дека инспекциите имаат поголеми надлежности и тие максимално посветено ја работат својата работа.

„Верувам дека надлежните ќе направат сѐ да ги санкционираат неодговорните граѓани. Сепак, ќе повторам нешто во што силно верувам од самиот почеток. Ниту инспекторите, ниту полицијата, ниту здравствените работници не може да се справат со несовесноста на некои граѓани и компании.

Затоа, уште еднаш апелирам, да се обединеме и да се поддржиме меѓусебно. Заедно да го надминеме следниот период преку почитување на мерките без исклучок“, посочи Филипче.

Фото: МЗ

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Сите детали: За кого не важи полицискиот час и кога ќе се шетаат милениците

Редакција

(Во живо) Протест против “францускиот предлог“ пред Собрание

Редакција

Беса нема да оди на средбата со Рама, не сакале да седат на иста маса со ДУИ

Редакција