Финска е официјално членка на НАТО, откако финскиот министер за надворешни работи Пека Хаависто денеска во Брисел го депонираше инструментот за пристапување до САД.
Финска станува 31-ва членка на одбранбената алијанса откако го надмина противењето од Турција. Ова е „историски ден“, рече генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
Членот 5 од договорот за НАТО, моќна колективна безбедносна гаранција, сега важи и за Финска. Нападот врз една членка на алијансата е напад врз сите сојузници, пренесува ДПА.
Финското знаме ќе биде поставено пред седиштето на НАТО, азбучно поставено помеѓу знамињата на Естонија и Франција. Финска потоа по првпат ќе учествува на состанокот на министрите за надворешни работи на НАТО како полноправна членка.
Финска аплицираше заедно со Шведска за членство во НАТО во мај 2022 година по руската инвазија на Украина, но нејзината апликација се заплетка во противењето на Анкара на членството на Шведска.
Сите членки на НАТО мора едногласно да се согласат за приемот на нови членки. По неколкумесечни разговори со посредство на Алијансата, Турција на крајот попушти и минатата недела гласаше за прием на Финска во НАТО.
Одлуката става крај на повеќедеценискиот неутрален статус на Финска во услови на согледани безбедносни ризици поради целосната инвазија на Русија на Украина.
Нордиската земја споделува 1.340 километри долга граница со Русија.
НАТО ги заврши последните формалности за прием на Финска откако Турција ги депонираше документите за ратификација кај државниот секретар на Соединетите Американски Држави, Антони Блинкен.
Откако Турција ја депонираше ратификацијата за членство во Вашингтон, Столтенберг упати писмо со покана до Финска да се приклучи на алијансата.
Хелсинки ја прифати поканата на НАТО за членство во алијансата, го испрати инструментот до Вашингтон и го заврши процесот.
Реакцијата од Москва пристигна веднаш.
– Проширувањето на НАТО е напад врз нашата безбедност и националните интереси на Русија, изјави денеска портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
– Русија ќе биде принудена да преземе соодветни контрамерки, рече тој.
Песков ја отфрли тезата дека приемот на Финска во НАТО е еднаков на пристапот на Украина во групата, од што Русија стравуваше.
– Ситуацијата со Финска е суштински различна од ситуацијата со Украина, рече Песков.
Финска никогаш не била „антирусија“ и немала спор со Москва.
– Ситуацијата во Украина е спротивна на тоа и потенцијално многу поопасна, рече тој.
Блинкен, од своја страна, истакна дека руската инвазија на Украина донесе влез на Финска во НАТО, нешто што рускиот претседател Владимир Путин се обиде да го спречи.
Членството на Шведска сè уште чека на ратификација на Турција поради голем број неусогласни точки, меѓу кои и загриженоста на Анкара поради, како што вели, недостигот на соработка во борбата против тероризмот.
Меѓу другото, Турција продолжува да го блокира шведскиот пристап со образложение дека Шведска одбива да екстрадира 120 лица кои Анкара ги смета за терористи.
Унгарија, како и Турција, исто така сè уште го нема ратификувано членството на Шведска во НАТО. Во владиното соопштение, Унгарија, меѓу другото, наведе „огромна количина на поплаки“ со Шведска во врска со буџетските фондови на ЕУ.
Во, како што го опиша како прв чин на Финска како членка на НАТО, Хаависто на крајот на церемонијата на Блинкен му ги даде документите со кои Финска го ратификува членството на Шведска во НАТО.
МИА/Фото: Унсплеш