еМагазин
Image default
БАШ НИ Е ЌЕФ

(Фото) Богата викенд-програма на фестивалот „Македокс“

Викенд-програмата на 14. Фестивал на креативен документарен филм „Македокс“, што се одржува од 17 до 24 август во Скопје, ги активираше сите локации за филмски проекции и за активностите од програмата „Македокс+“.

Главната програма и кратки документарци се прикажуваа на големото платно во Куршумли-ан, додека програмата „Земја во фокус – Данска“ беше отворена во Куршумли-ан, а продолжи во просторот на Сули-ан, кој годинава за првпат е фестивалска локација на „Македокс“. Младинско-детската програма се прикажуваше во МКЦ, додека Студентската програма главно се одвива на платото пред Музеј на Македонија.

Во текот на викендот акцент беше ставен на мастеркласовите, кои се одржуваат во Даутпашиниот амам при Националната галерија. На 19 август мастерклас одржа хрватскиот монтажер Владимир Гојун, кој беше фокусиран на повеќе прашања што се отвораат на монтажерската маса. Модератор на разговорот со него беше Петра Селишкар, уметнички селектор на програмата на „МакеДокс“.

Разговорот со него почна со сеќавања од детството, а Гојун откри дека уште како дете многу сакал да гледа филмови, а често се случувало во текот на еден ден да изгледа по 3-4 филма. Како тинејџер мислел дека ќе стане филмски режисер, но сепак, кога се запишувал на филмската академија во Загреб, се одлучил за одделот за монтажа.

– Сакав да влезам во нешто непознато, нешто што не го знам. Не станав режисер, но имаше многу предности да бидеш монтажер, рече Гојун.

Тој додаде дека сѐ уште ја чувствува фасцинацијата од магијата на филмот и склопувањето на филмските кадри во една целина. Работи како доцент на Академијата за драмски уметности во Загреб, на одделот за филмска монтажа, и рече дека не знае дали е добар професор, бидејќи на своите студенти не им држи предавања со зборови, туку секогаш се обидува да им ги пренесе сите свои искуства за процесот на монтажа.

За своите многубројни искуства со различни филмови и автори Гојун рече дека некогаш процесот на монтажа е бавен, бидејќи за да ја најде и да ја претстави вистинската страна на приказната е потребно монтажерот многупати да го изгледа целиот материјал, да ја најде суштината на приказната, да го дефинира карактерот на протагонистите и да ја внесе целата своја креативност во нижењето на структурата на филмот.

Кога ќе се најде пред непремостлива пречка монтажерот треба да се надмине себеси, да ги помести границите на монтажата и да трага по решенија што ќе го доведат филмот до неговиот крај. Исто така, истакна дека сите сегменти на монтажата (слика, звук, музика, тонски дизајн) мора да функционираат компатибилно, бидејќи сите тие се важни за восприемањето на целиот филм.

– Секој филм е базиран на колективна работа и придонесот на сите чинители е исклучително важен за финалната верзија на филмот – заклучи Гојун.

Од 18 до 20 август се одвиваше и работилницата за монтажа со наслов „Трагајќи по слоевите“. Со работилницата раководат светски познатиот дански монтажер Јеспер Осмунд, заедно со данскиот критичар Ту Стин Милер. Работилницата е наменета за четири избрани филмаџии/тимови со проект што моментално е во процес на монтажа, а данските експерти ќе помогнат да се разбере внатрешноста на приказната, да се обликуваат нејзините контури и да се развијат посилни емоционални перипетии.

Најзначаен сегмент на програмата на „Македокс“ во попладневните часови се „Разговори под смоквата“, каде учествуваат речиси сите фестивалски гости. На разговорите што се одржуваат секој ден од 18 до 20 часот, авторите ги претставуваат своите филмови, разменуваат искуства со колегите од други држави и имаат можност да остварат директен контакт со фестивалската публика.

Петтото издание на МакеКоПроДокс форумот ќе се одржи од 21 до 23 август во Младинскиот културен центар. Првиот ден од форумот ќе биде посветен на монтажата со презентација на 4-те проекти од работилницата за монтажа. Потоа ќе се одржи панел-дискусија помеѓу монтажери и продуценти од Балканот.

Претставниците од балканските филмски центри и оваа година се дел од Форумот и тие ќе одржат презентација на можностите за постпродукција и копродуцирање. На 22 август, 11 проекти во различни фази на продукција од Балканот, меѓу кои и два македонски, ќе имаат пичинг и еден-на-еден состаноци со филмски професионалци и гости на фестивалот.

Со проекција на 21 август во Куршумли-ан ќе се одржи македонската премиера на креативниот документарен филм „Тело“ (Body) на режисерката и сценарист Петра Селишкар. Станува збор за најново документарно остварување на авторка која досега на „МакеДокс“ ги претставила филмовите „Мојот превртен свет“, „Мама Европа“ и „Бабички на револуцијата“. Светската премиера на „Тело“ се одржа на 14 август на филмскиот фестивал во Сараево. Главната протагонистка во филмот, Уршка, веќе е дојдена во Скопје за да присуствува на македонската премиера.

Целосната програма може да се пронајде на официјалната веб-страница на „МакеДокс“ (makedox.mk), а може да се симне и фестивалската апликација.

Промотивна објава

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Фото) Државна лотарија додели автомобил BMW X1 од инстант лозот Мини и Макси

Редакција

Повик до средношколците да креираат постери на тема трансплантација и органодонорство

Редакција

„Кооперација“, нова платформа за споделување на ставови, авторски текстови и слики

Редакција