еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

(Фото) Колкави ќе бидат давачките за увоз на стари возила, што предвидува новиот Закон за данок на моторни возила

Владата на вчерашната седница ја донесе Уредбата за начинот на пресметка на данокот на моторни возила и на износите потребни за пресметка на данокот на моторни возила врз основа на критериумите утврдени во Законот за данок на моторни возила.

„Со оваа уредба, како и со критериумите утврдени во Законот за данок на моторни возила се очекуваат големи придобивки за целото општество преку намалување на загадувањето на амбиентниот воздух, преку обнова на возниот парк со поттикнување на купување на поеколошки возила како резултат на намалување на данок на возила со голема економичност на гориво, како и набавка на хибридни и електрични возила со ниска или “0“ емисија на јаглерод диоксид – CO 2“, соопштија од Владата.

Министерката за финансии Нина Ангеловска неодамна информираше дека Законот за данок на моторни возила ќе се примени на почетокот на следната година.

Износот на оданочувањето ќе зависи од тоа колку увезеното возило загадува. Електричните автомобили се изземени од данокот, за хибридните возила ќе се плаќа само половина од износот, а за одредени бизниси постојат даночни олеснувања и поврат на средства.

Износот на данокот кој треба да се плати при увоз на возила во вредност до 10.000 евра ќе се пресметува според нивото на емисии на јаглерод диоксид на возилото.

Пониска даночна стапка ќе плаќаат и возилата со бензински мотори во споредба со оние со дизел мотори.

Данокот за увезено возило кое чини 10.000 евра и емитува 130 грама јаглерод диоксид на километар, а е со бензински мотор, ќе изнесува 6.500 денари. Ако возилото е со истите карактеристики, но со дизел мотор, данокот ќе биде двојно повисок, 13.000 денари.

Ангеловска посочи дека овие мерки се еден вид одговор на притисокот на граѓанскиот сектор за загадувањето на животната средина, но станува збор за „системско, а не ад хок решение“.

Директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски најави дека конкретните измени на исплатата на данокот за увоз на возила се предвидени со нова Уредба, а мотивирањето на граѓаните да набавуваат возила што помалку загадуваат ќе биде заедничко залагање на повеќе институции каде се планира спроведување на посебни мерки.

„Сегашните бројки упатуваат на тоа дека 82 проценти од набавуваните возила се половни, а само 18 проценти нови возила“, посочи Танасоски.

Примената на овој данок ќе започне од 1 јануари 2020 година.

Според министерката Ангеловска, идејата на ваквите мерки е да се обнови возниот парк кој е стар меѓу 15 и 18 години.Таа очекува приходите од новиот данок следната година да бидат еднакви на приходите од наплата на акцизите за возилата во 2019 година.

Покрај тоа, одредени возила, како оние што се користат за прва помош и погребални услуги ќе бидат изземени од давачки при увоз на нови возила. За такси возилата пак, државата ќе враќа 25 отсто од данокот при увоз на нови возила. Процентот на поврат на данокот за увоз на нови возила со 8 или 9 седишта ќе биде 80 отсто.

Увозот на електрични возила е целосно ослободен од данок, додек за увоз на хибридни (plug in) возла ќе се плаќа само половина од данокот.

Според возниот парк во државата, процена е дека просечната емисија на ЦО2 е околу 170 гр./км.

Границата која е поставена за производителите на нови возила за 2020 година во ЕУ е 95 гр./км CO2.

Во моментов просекот во земјите на ЕУ е 130-140 гр./км CO2. На ниво на ЕУ, автомобилите се одговорни за околу 12 проценти од вкупните емисии на јаглерод диоксид, главен стакленички гас.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Починаа уште 24 лица од Ковид-19, меѓу нив двајца скопјани на 35 и 36 години

Редакција

Земјоделците бараат забрана за увоз на пченица, 10 илјади тони домашна не е откупена

Редакција

(Вознемирувачко видео) Светот згрозен од убиството на афроамериканец од полицаец, Минеаполис во пламен

Редакција