еМагазин
Image default
Бизнис

(Фото) Во неготинско Војшанци отворена фотонапонска централа на „ЕВН Македонија“

Премиерот Зоран Заев денеска присуствуваше на отварањето на фотонапонската централа на „ЕВН Македонија“, АД Скопје, во неготинско Војшанци. Тој упати честитки за завршената работа и рече дека му е чест и задоволство што присуствува на овој настан, нагласувајќи дека инвестицијата е изградена во рекордно време со најсовремена технологија на двострани панели, кои произведуваат електрична енергија преку директна изложеност на сончевата светлина.

„Станува збор за успешно реализиран проект во рамките на јавниот повик на Министерството за економија кој беше објавен во почетокот на август минатата година, за доделување на премии за електрична енергија произведена од фотонапонски централи на приватно земјиште.

Тоа го означи и почетокот на еден нов инвестициски циклус во делот на обновливите извори на енергија во нашата земја.

На овој тендер наместо да дадеме премиуми, државата инкасираше 2,8 милиони евра заради претходната организација којашто Министерството за економија и Владата и владините институции ја направија како претходна подготовка, за да може да се реализираат успешно тендерските постапки за коишто во повидок ја гледаме денеска првата фотонапонска централа“, рече Заев.

Тој потенцира дека ЕВН како партнер на државата, како пример за инвестиции во енергетиката, ги исполнува своите годишни планови за инвестирање од околу 30 милиони евра во РСМ.

„Овој проект е само еден од нивните инвестиции коишто ги прават на целата територија на нашата земја, посебно во делот на унапредувањето и на квалитетот на дистрибутивната мрежа која што испорачува електрична енергија до сите наши граѓани“, рече Заев.

Пред присутните се обрати и министерот за економија Крешник Бектеши.

„Не поминаа ни две години од  кога почнавме да работиме многу напорно заедно со претседателот на Владата во делот на трнсофрмацијата во енергетскиот сектор во нашата држава. Ако се навратиме наназад ќе приметите дека усвоивме нов Закон за енергетика, усвоивме Закон за енергетска ефикасност каде што се транспонирани речиси сите директиви од ЕУ, се со цел да ги поттикнеме токму ваквите инвестиции.

Имавме успешен спроведен тендер кадешто учествуваа стотици компании а веќе ја имаме првата фотонапонска централа“, рече министерот.

Штефан Петер, претседател на Управен одбор во ЕВН Македонија, во своето обраќање пред присутните, рече дека поминаа скоро 15 години откако ЕВН инвестираше во еколошко производство на електрична енергија со своите 11 хидроцентрали низ цела Република Северна Македонија.

„Денес со оваа фотоволтаична централа го обновуваме нашиот придонес за одржлива енергија без емисии. Има инсталирана моќност од 1,5 мегавати, големината е на две фудбалски игралишта и бидејќи Неготино е сончево место со повеќе од 2.400 сончеви часови годишно, истата ќе произведува 2,1 гигават часови, што е доволно за потребата на електрична енергија за околу 300 домаќинства.

Но, постои и една иновација што треба да се открие, што е направена за првпат во Македонија. Кога ќе се приближите ќе видите дека земјата е покриена со бел чакал.

Ова не е за подобар изглед, туку поради тоа што белиот чакал ја рефлектира сончевата светлина на долната површина на модулите од фотоволтаиците. Овие модули со двофацијални што значи дека имаат фотоволтаични клетки од двете страни.

Тоа значи дека во сончеви денови електричната енергија се произведува со директно значење, но и дополнително 10 проценти со рефлексија на задната страна од фотоволтаикот“, рече Штефан Петер.

Тој се заблагодари  на Владата за нејзината стратегија за зелена енергија, на министерот за неговиот успешен тендер што ја овозможи оваа инвестиција.

„Сакам да му се заблагодарам и на градоначалникот, на добрата администрација и на крај на моите колеги за брзата техничка реализација. Оваа фотоволтаична постројка беше подигната во рекордно време за помалку од четири месеци, од израмнување на земјата до последната инсталација.

Со тоа е докажано дека јавно приватното партнерство може да се направи на најефикасен начин. Тоа е соработка за еколошка енергија и за почист воздух во Северна Македонија“, нагласи Штефан Петер.

МИА/Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Колкава плата лани имал Светозар Јаневски и менаџментот на Тиквеш

Редакција

ТТК Банка со зголемена добивка во првите шест месеци

Редакција

(Фото) Како изгледа канцеларијата на “Лидл“ во Скопје

Редакција