Вицепремиерот задолжен за европски прашања, Бујар Османи, заедно со заменик – градоначалникот на град Скопје, Енвер Малиќи, во рамки на кампањата на Секретаријатот за европски прашања, за промовирање на европските вредности – „Заедно кон Ѕвездите“, денеска ја предводеа турата „Скопје на мапата на Европа“, на која присуствуваа претставници на дипломатскиот кор како и други гости.
-На нашите пријатели од ЕУ да им го покажеме Скопје, не само како политички центар кој во иднина ќе биде дел од метрополите на Европската унија, туку и како туристички центар, град со исклучително богата историја, кој во вистинска смисла на Унијата ќе ѝ донесе цивилизациска и историска вредност, истакна Османи, посочувајќи на Старата скопска чаршија, како симбол за разноликоста на целата земја, за нејзиниот мултиетнички и мултиконфесионален карактер, вистинска гордост на скопјани и сите граѓани.
Малиќи истакна дека за разлика од традиционалниот, модерниот туризам е непрекината потрага по нови, интересни и оригинални, приказни.
-Нашата земја можеби е мала, но речиси сите што дошле во неа, си заминале со приказни чија големина не може да се измери, туку единствено може да се доживее, и потоа да се прераскаже. Таква знаменитост е скопската чаршија, но и други локалитети од различни историски периоди и култури, кои во Скопје ги има многу, изјави Малиќи.
Притоа посочи дека туризмот учествува со 10 проценти во глобалниот бруто домашен производ, а со пристапувањето на државава во Европската унија, земјата уште повеќе ќе ги претстави своите огромни потенцијали во овој сектор.
Туристичката тура започна пред МК-ЕУ Инфо Центарот на СЕП на градскиот плоштад, и продолжи во Стара скопска чаршија каде професионален туристички водич им ги презентираше позначајните локации и знаменитости на градот: Камениот мост, плоштадот „Мајка Тереза“, паркот „Ибни Пајко“, Даутпашиниот амам, црквата „Св. Димитрија“, плоштадот „Скендер-бег“, Чифте амам, Сули ан и џамијата Ќосе Кадиа, а прошетката заврши со традиционално турско кафе и чај во локалите на чаршијата.
Фото: СЕП