Министерот за финансии, Драган Тевдовски по 22 години се врати во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“, каде што завршил средно образование.
Тевдовски на сегашните „Корчагинци“ им одржа предавање за финансиите, во рамки на кампањата на Министерството за финансии за подигнување на финансиската писменост.
Тевдовски рече дека годините поминати во Корчагин биле едни од најубавите во неговиот живот.
– Прво, поради другарството кое го развивавме и кое што трае и денес. Второ, не помалку важно, поради она по што Корчагин е познат: некои ќе кажат строгоста, но јас сметам дека е квалитетот на наставата и посветеноста на наставниците. Воопшто не изненадува што училиштето со години е на врвот од образованието кај нас и пошироко. Затоа мислам дека сосема прилега мотото кое што го има на веб страницата на гимназијата – „Биди бренд, биди Корчагин“. Би додал, оној кој учел во Корчагин секогаш останува корчагинец – рече Тевдовски.
Тевдовски им порача дека финансиската писменост, познавањето на финансиските услуги и производи е предуслов за носење правилни финансиски и инвестициски одлуки.
– Живееме во време кога информатиката е навлезена во сите сегменти – тоа се гледа и во делот на финансиските услуги, или ФинТек – со мобилните телефони и веб-апликации се вршат секакви финансиски трансакции, може да се врши плаќање и со facerecognition.
Платежните картички стануваат виртуелни…Затоа, мојот совет до вас е: без оглед каква професија ќе одберете, едуцирајте се во областа на финансиите. Тоа ќе ви помогне да носите правилни одлуки, да процените дали е исплатливо да се земе кредит, да се штеди во банка или да се купат акции, недвижности, која платежна картичка е најдобра за Вас…
Или, како што вели Ричард Квест, еден од најпознатите економски новинари, во најава на Си-Ен-Ен: „Не е важно колку пари имате, туку што правите со нив“, рече Тевдовски.
Покрај Тевдовски, поранешни „корчагинци“ во Владата се и Радмила Шеќеринска, Дамјан Манчевски и Јани Макрадули.