еМагазин
Image default
МАКЕДОНСКО ТОП СТОРИИ

(Галерија) Убавина: Пештера Шаркова дупка во Маврово

Од Националниот парк Маврово информираа дека во пештерата Шаркова дупка се врши утврдување на моменталната состојба и отпочнување на активности за нејзино активирање за следната туристичка сезона.

Според пишувањата на igeografija.mk, пештерата се наоѓа во близина на последните куќи од селото Маврово. Од асфалтниот пат, до влезот во пештерата има неколку минути пешачење по безбедна патека со скалила. Таа е откриена е пред повеќе децении од страна на локалното население кое што тогаш се плашело да влезе во неа.

Според една од приказните поврзани со пронаоѓањето на пештерата, селанецот со прекар Шарко, кој живеел во непосредна близина на пештерата, прв собрал храброст. Тој исекол неколку дрвја, ги спуштил во дупката и со јажиња со помош од соседите, успеал да влезе во внатрешноста на пештерата. Така пештерата го добила името Шаркова Дупка.

Подоцна, повеќе спелеолози влегувале во пештерата и вршеле истражувања.

Влезниот дел на Шаркова Дупка е доста стрмен, скоро вертикален (јамски) со длабочина од близу 20 метри. Овој дел е уреден и обезбеден за посетителите со посебни метални скали кои се спуштаат до дното на јамскиот дел.

Од тука, веднаш се проширува голема пештерска сала (галерија) во должина од 25 метри, широчина од 10-18 метри и височина до 12 метри. Салата е исполнета со разновиден пештерски накит: сталактити, сталагмити прекриени со корали, сливови, драперии и др.

Освен што имаат извонредна и најразлична форма, пештерските украси се уникатни по црвеникавата боја, која потекнува од присуството на железо во почвата и карпите над пештерата.

На дното на салата има и мало басенче со вода кое дава восхитувачка убавина на целиот подземен амбиент. Странично има тесен отвор што води во уште две пештерски сали кои сеуште се недостапни за туристи.

Инаку, температурата во пештерата е константна во текот на целата година и се движи меѓу 5 и 8 степени Целзиусови. За подобро доживување, целиот простор е осветлен со рефлектори.

Фото: Национален парк Маврово

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Што прво прифатила, па одбила Бугарија: Објавен нон-пејперот од средбата на Димитров, Османи и Захариева во Берлин

Редакција

Убава вест: 89 оздравени од Ковид-19

Редакција

Апсурдни ситуации при издавањето на документи со „Северна“

Редакција