По Кимолос и Милос, моето годинешно патување по Кикладите го заокружив со Серифос, и воопшто не згрешив во оваа непланирана, спонтана одлука.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
(Галерија) еМагазин на Кикладите: Милос ќе ве остави без здив!
(Галерија) еМагазин на Кикладите: Срцето ми остана на Кимолос
Серифос ми дојде како претопување на двете претходни искувства со Кимолос и Милос во едно, па истиот си го крстив како „Миконос за сиромашни“.
До островот може да стигнете со траект од пристаништето Пиреја во Атина, но и од другите острови на Егејското Море, како што направив и јас.
Хора, една од најживописните престолнини на Кикладите
И во Серифос ја продолжив традицијата која ја почнав на Кимолос, да го гледам изгрејсонцето. Имав среќа што и на двата острови во сезона најдовме сместувања со прекрасен поглед, лоцирани помеѓу Хора (главниот град или село, како сакате) и портата.
По првото изгрејсонце на Серифос, иако има автобус на секој половина час, (од портата Ливади до селото), пешки по скали се искачив на врвот на Хора. На моменти требаше да се штипкам за да сфатам дека тоа што ми се случува не е сон, туку јаве. Како да листев некое списание за патување. Таков микс на најразлични емоции не се чуствува секој ден.
Хора е задолжителна при посета на Серифос и да, островот е идеален за пешачење.
Одмор и забава
Времето на Серифос доправа доаѓа, а младите од цел свет веќе го имаат мапирано. А има и зошто. Навечер навидум мирниот и релаксиран остров се претвора во место за забава, ништо поразлична од извиканиот Миконос, кој пред се е познат по журките, а не по својата природна убавина, што со Серифос не е случај.
На портата ќе најдете безброј прекрасни места и за дневна и ноќна шема, за ручек или вечера, а најтопло ги препорачувам Индиго и Chill and co.
Во Индиго задолжително пробајте тако со телешко (не е грчко, но може во секое време :)) и комбинации со авокадо, манго и киноа.
Цени
Споредено со неговите скапи соседи, цените во Серифос се сосема пристојни за остров на Кикладите.
Сместување може да се најде и за 60-80 евра за соба, зависно од локацијата, просторот и во кој дел од годината ќе го посетите островот.
Островот мора да се потенцира е идеален за кампување, на една од најпознатите плажи Ливадакиа, на портата, има специјално место на самата плажа за кампување, каде додека бев јас кампуваа стотици млади.
Кампување, неорганизирано, како и на Кимолос имате и на други неорганизирани плажи.
И храната овде е со „понормални„ цени. Ручек или вечера, зависно од местото, типот на храната, за двајца може да Ве чини од 40-80 евра.
Плажи
Серифос има крајбрежје долго 81 километри, па имате голем избор на најразлични плажи, со секакви комбинации, од организирани до неорганизирани, со камчиња или песок, а дел од нив се и пријателски за нудизам.
Ако немате доволно време, Ливади и Ливадакиа ви се на самата порта.
Задолжително посете ја и една од најубавите плажи овде, Agios Sostis.
Имате организиран автобуски превоз до најголем дел од плажите.
Повеќе инфо за плажите на еден од најрелевантните сајтови за патување во Грција, greeka.com.
Со Серифос штиклирав шест острови на Кикладите во изминативе неколку години (плус Миконос, Санторини, Китнос, Кимолос и Милос), со надеж дека веќе од следната сезона (ако ја преживееме зимата 🙂 ) ќе посетам уште неколку.
Фото/видео: еМагазин