еМагазин
Image default
Бизнис

Гасот од Азербејџан во Македонија ќе стигне преку интерконекторот со Грција, кој ќе се гради годинава

На средината на оваа година ќе започне изградбата на интерконекторот за гасно поврзување со Грција, со што Македонија ќе се поврзе со Јужниот гасен коридор, а на тој начин гасот од Азербејџан ќе стигне и на нашиот пазар.

За Владата, изградбата на национален гасоводен систем, неговото поврзување со регионалните гасоводни системи, како и изградба на дистрибутивните системи за природен гас е еден од приоритетите во делот на изградба на енергетска инфраструктура.

Ова го порача министерот за економија Крешник Бектеши во своето обраќање на Осмиот министерски состанок на Советодавниот совет на Јужниот гасен коридор што се одржа во главниот град на Азербејџан, Баку.

Македонија оваа година по втор пат учествува на овој министерски состанок, кој е од клучна важност во делот на диверзификација на снабдувањето со гас на повеќе пазари во Европа.

„Гасификацијата на земјата е од круцијално значење за економијата и е од бенефит како за граѓаните така и компаниите, за животната средина и за општеството во целост.

За обезбедување на прогнозираните количини на природен гас за наредниот период во тек се активности за натамошна изградба на постојниот гасоводен систем во државата, негово поврзување со регионалните гасоводни системи особено со Jужниот гасен коридор, како и планот, развојот на дистрибуцијата на гасот да се врши преку Јавно приватно партнерство, но и отпочнување на преговори за обезбедување на дополнителните колични на природен гас“, потенцираше Бектеши во своето обраќање и додаде дека Македонија е силно посветена на гасно поврзување со регионот, што ќе значи обезбедување на природен гас од повеќе извори.

„Заедно со нашата компанија Национални енергетски ресурси веќе работиме на заокружување на проектите за изградба на интерконектор за гасно поврзување со нашите северни соседи Косово и Србија, а дополнително како дел од планираните проекти е и изградба на дополнителен интерконектор со Бугарија, како и изградба на интерконектор за гасно поврзување и со Албанија“, потенцираше министерот Бектеши.

Во делот на инвестициите во гасификација министерот информираше дека до крајот на оваа година ќе биде избрана и компанија која што ќе ја гради дистрибутивната гасоводна мрежа во државата што претставува еден од најголемите капитални инвестиции во земјата и ќе обезбеди пристап на природен гас до домаќинствата и стопанството.

Во рамки на Министерскиот состанок, министерот Бектеши оствари билатерална средба со министерот за енергетика на Азербејџан, Правиз Шахбазов.

Двајцата министери на состанокот разговараа за можностите за продлабочување на соработката помеѓу Македонија и Азербејџан во делот на енергетиката и снабдувањето со природен гас преку новиот интерконектор, кој ќе го гради нашата држава заедно со Република Грција.

Јужниот гасен коридор, проект вреден 40 милијарди долари, минува низ 3.500 километри територија, од Баку до јужна Италија, преку Грузија, Турција, Грција и Албанија.

Главен извор на гас за системот е наоѓалиштето „Шах Дениз“ во Каспиското Море, со резерви од 1,2 трилиони кубни метри.

Со завршувањето на етапата I на јужниот гасен коридор во декември 2020 година, засегнатите страни испитуваат проширување на проектот на нови пазари, како што е Балканот и транзит на гас од други достапни извори.

Министерот Бектеши на состанокот беше придружуван од Бајрам Реџепи, директорот на „Национални енергетски ресурси“ АД.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Осигурениците наплатиле 15 милиони евра од штети за три месеци, 9,5% повеќе од лани

Редакција

(Видео) Возилата на „Брако“ „Green Machines“ на саемот „Денови на електро мобили“

Редакција

Пад од 24,6 отсто на прометот на Македонската берза

Редакција