еМагазин
Image default
Бизнис

Граѓани, компании и институции лани во осигурување вложиле 163,7 милиони евра

Граѓани, компании и институции лани купиле осигурителни полиси за животно и за неживотно осигурување во вкупна вредност од 10,06 милијарди денари (163,7 милиони евра), покажуваат официјалните агрегатни податоци на Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) за состојбите на осигурителниот пазар во 2020 година.

На нашиот осигурителен пазар оперираат 16 компании од кои 11 друштва продаваат неживотно осигурување, а 5 се компании за животно осигурување.

„Вкупната бруто полисирана премија (вкупна вредност на продадени полиси) лани е за 270,6 милиони денари (4,4 милиони евра), односно 5 отсто пониска од вредноста на продадените полиси во 2019 година, кога сите осигурителни друштва инкасирале 10,58 милијарди денари (172,1 милиони евра) од продажба на полиси.

Детални податоци се достапни на следниот линк aso.mk.

Во вкупната продажба на осигурителни полиси друштвата за неживотно осигурување учествувале со 82,7 отсто.

Продажбата на полиси од класите на неживотно осигурување изнесува 8,3 милијарди денари (135,4 милиони евра).

Друштвата за животно осигурување лани од продажба на полиси наплатиле 460,2 милиони денари (28,3 милиони евра),“ се вели во соопштението.

Здравствената пандемија лани генерално негативно влијаеше врз националната економија, а тоа се одрази и врз работата на осигурителните друштва. Нивната вкупна продажба на осигурителни продукти се намали за 5 отсто.

Но и покрај тоа 14 осигурителни друштва минатата година ја завршиле со добивка во вкупна вредност од 627,3 милиони денари (10,2 милиони евра).

АСО неодамна препорача осигурителните компании да се воздржат од исплата на дивиденда.

Препораката има за цел компаниите да останат во добра финансиска кондиција во овие специфични и неизвесни услови на работење предизвикани од глобалната здравствена пандемија, а добивките да ги пренесат во  капиталот и резервите со цел да останат солвентни и ликвидни.

Проактивниот пристап на АСО преточен во препораката има за цел осигурителните друштва да можат навремено и во целост да одговорат на финансиски побарувања на осигурениците и нивните права кои произлегуваат од договорите за осигурување.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Колку пари чувале лани граѓаните и фирмите во НЛБ Банка

Редакција

Штетата до сега 9 милиони денари: Четврт ден блокиран железничкиот сообраќај

Редакција

Убава вест за акционерите: ТТК Банка ќе дели бруто-дивиденда од 110 денари по акција

Редакција