еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Град Скопје поднесе кривична против Петре Шилегов и Љубица Јанчева

Град Скопје согласно одредбите од Законот за кривичната постапка, поднесе кривична пријава против поранешен претседател на Советот на Град Скопје, Љубица Јанчева и поранешен градоначалник на Град Скопје, Петре Шилегов, информираше денеска на прес-конференција советникот за односи со јавност во Градот, Данијел Апостолоски.

Тој посочи дека станува збор за кривична пријава поради основано сомневање дека сториле кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“ од член 353 ст.5 вв со ст.1 од Кривичниот Законик.

-Љубица Јанчева во својство на претседател на Советот на Град Скопје, искористувајќи ја својата службена положба, од средства од буџетот на Град Скопје искористила средства за прослава во ресторан во Скопје, спротивно на законските прописи за извршени набавки на стоки и услуги и спротивно на Законот за јавни набавки, додека Петре Шилегов како градоначалник на Град Скопје, искористувајќи ја својата службена положба и овластување, а со пречекорување на границите на своето службено овластување без да постои склучен договор, спротивно на Законот за јавни набавки, дозволил да се искористат и исплатат средства од буџетот на Град Скопје, на кој начин пријавените прибавиле имотна корист и нанеле штета на буџетот на Град Скопје, истакна Апостолоски.

Тој додаде дека Љубица Јанчева во својство на претседател на Советот на Градот организирала предновогодишна забава во ресторан во Скопје, и за тоа своерачно потпишала и посебен интерен образец со кој потврдува дека ги искористила наведените средства и во прилог кон истиот доставила фактура, со што ги потврдува издатоците за реализирани средства за репрезентација.

Како што посочи, за незаконитостите алармирал и Секторот за финансиски прашања при Град Скопје кој во службена белешка укажал дека се работи за услуги спротивно на законот, каде е наведено дека доставената фактура се однесува за извршени услуги за кои Градот со предметниот правен субјект нема склучен договор со постапка за јавна набавка во 2019 година.

-И покрај тоа што било укажано од надлежните служби дека се работи за извршени услуги за кои нема склучен договор за јавна набавка, Петре Шилегов како градоначалник во тој период, го игнорирал ваквото укажување и свесно дозволил на незаконски начин да се искористат средствата од Буџетот на Град Скопје, кои се средства на граѓаните, додаде Апостолоски.

Според него, во конкретниов случај станува збор за произволно, незаконско и несовесно трошење на парите на граѓаните од страна на Шилегов и Јанчева, кои за свои потреби, а спротивно на закон, искористиле средства од Буџетот на Град Скопје, ни помалку ни повеќе за организирање на предновогодишна забава во кафеана.

-Особено укажуваме дека Градот во наведениот период за 2019 година, веќе имал спроведено постапка и доделено договор за јавна набавка на други правни субјекти за угостителски услуги, во кои не спаѓа правниот субјект каде се правеле забави на сметка на граѓаните.

Оттука,  јасно произлегува дека  Петре Шилегов и Љубица Јанчева искористиле средства од Буџетот на Град Скопје надвор од законски пропишаната процедура, на кој начин го оштетиле Буџетот на Градот Скопје, додаде Апостолоски.

МИА/Фото: Град Скопје

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Иселеник од Делчево во Италија за својот труд награден со средба со Папата Франциск

Редакција

Општина Центар склучи договор со Изградба-комерц вреден 2,9 милиони евра

Редакција

Грција оди на избори на 21 мај

Редакција