еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Грчка компанија ќе ја гради хидроцентралата Чебрен, ќе чини 1 милјарда евра, а ќе се гради 7 години

Владата на седница донесе одлука со која се овозможува реализација на реверзибилната хидроцентрала Чебрен, еден од најголемите енергетски проекти во земјава.

Проценетата вредност на инвестицијата, велат од владината прес-служба, е околу една милијарда евра со која е предвидена изградба на реверзибилна хидроцентрала Чебрен, со инсталиран капацитет од најмалку 333 мегавати.

Предвидено е Чебрен да има функција на производство на електрична енергија, како и режим на пумпање и враќање на водата назад со што на Црна Река е предвидено создавање на ново вештачко езеро, кое ќе биде најголемо во нашата држава.

По завршување на проектирањето, и обезбедувањето на потребните документи се очекува да се почне со градба која е предвидена да трае седум години.

-Владата ја разгледа и усвои Информацијата од Министерството за животна средина и просторно планирање за Извештајот од евалуацијата на Комисијата за спроведување на постапката за доделување на концесија за користење на вода за производство на електрична енергија и изградба на хидроелектрични централи на Црна Река.

Согласно Извештајот на Комисијата, Владата на 185-тата седница, донесе Одлука за избор на најповолна понуда за доделување концесија за користење вода за производство на електрична енергија со изградба на хидроелектрични централи на Црна Река која се доделува на понудувачот Public power corporation S.A. – Greece & Archirodon group N.V. – Грција, односно ППЦ-Архиродон, а во согласност со тендерската документација и договорот за концесија кој беше дел на тендерската документација, соопштија од владината прес-служба.

Според Извештајот на Комисијата за спроведување на постапката за доделување на предметната концесија, како што стои во Информацијата, понудувачот ППЦ-Архиродон е избрана за најповолна, со оглед на тоа што понудувачот ги исполнил условите содржани во јавниот повик и тендерската документација и доставил најповолна понуда.

-Според донесената Одлука, избраниот понудувач има обврска во рок од три месеци да го склучи Договорот за заедничко вложување и да основаат акционерско друштво со АД ЕСМ, во кое што АД ЕСМ учествува со 33 отсто од акционерскиот капитал.

Регистрираното друштво е должно во согласност со одредбите на Законот за водите, а пред потпишување на договорот за концесија, да обезбеди дозвола за користење на водата, велат од Владата.

Чебрен, додаваат, е од исклучително значење за енергетската транзиција на земјава и регионот, поради можноста за балансирање на обновливите извори на енергија. Воедно ќе има огромно значење и за заштита од поплави, водоснабдување, земјоделство и слично со висина на браната од 192 метри, со што ќе биде една од највисоките во светот.

-Идејата и проектирањето за големиот хидроенергетскиот проект Чебрен започнува со првите физибилити студии во 60-тите години од минатиот век. Според Информацијата од Министерството за животна средина и просторно планирање, се започнати уште од 1964 година, со тоа што во 1986 се склучени договори за изработка на инвестициско-техничка документација за ХЕ Чебрен.

Последниот јавен повик, пред тековниот, е објавен во 2016 година. Досега имало 13 неуспешни тендери во период од последните 20 години. Постојниот Јавен повик е четиринаесетти обид за доделување концесија на Црна Река, прецизираат од Владата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Тетекс со зголемена добивка во првите девет месеци од годинава

Редакција

Поевтинува мазутот, цените на бензините остануваат исти

Редакција

(Фото) Барањето за регистрирација на бугарското здружение „Цар Фердинанд“ во Богданци одбиено

Редакција