Компанијата „Хаваш“, која е дел од „ТАВ Аеродроми“ и Групацијата АДП, ќе работи како консултантска компанија за „ТАВ Македонија“ за услуги за прифат и отпрема на воздухоплови, патници, багаж, стоки и пошта коишто се нудат на авиокомпаниите на Меѓународниот аеродром Скопје.
Од „ТАВ Македонија“ информираат дека „Хаваш“ е специјализиран за аеродромски операции за прифат и отпрема во Турција и на други пазари каде што работи групацијата „ТАВ Аеродроми“.
– Затоа, оваа компанија е ангажирана и на македонскиот пазар како консултантска компанија, со цел да ги пренесе своите знаења и вештини, како и богатото долгогодишното меѓународно искуство, велат од ТАВ Македонија.
Според генералниот директор на „ТАВ Македонија“, Метин Батак, со ова ќе се зголеми квалитетот на услугите.
– Во „ТАВ Македонија“ веќе имаме квалификуван и компетентен тим за прифат и отпрема, а сега дополнително ќе имаме придобивки од меѓународното искуство на „Хаваш“.
Наградата за Квалитет на аеродромските услуги (ASQ) што Меѓународниот Аеродром Скопје ја доби оваа година по 7-ми пат, е доказ за нашата постојана посветеност кон подобрување на задоволството на клиентите, со користење на колективното знаење и вештини на групацијата.
Овој пат ќе имаме големи придобивки од глобалната експертиза на „Хаваш“. Тие ќе ни помогнат да се истакнеме во нашите процеси за прифат и отпрема, со што можеме да обезбедиме одлични услуги за авиокомпаниите, вели Батак.
Од „Хаваш“ најавуваат дека нивното искуство и знаење ќе го пренесат и на скопскиот аеродром.
– Нашето долгогодишно меѓународно искуство и знаење ќе го пренесуваме на скопскиот аеродром, значаен центар на Балканот, во услугите за прифат и отпрема, вели С.Мете Ерна, генерален директор на „Хаваш“.
ТАВ Аеродроми се присутни на македонскиот пазар од 2010 година и управуваат со двата аеродроми во земјава – Меѓународниот аеродром Скопје и аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Фото: ТАВ