Премиерот, Зоран Заев по средбата со координативното тело за помирување и интеграција во Собранието изјави дека е постигната согласност за процесот на помирување и за изготвување законско решение, пренесе Мета.
– Да оставиме сега на правните тимови кои под раководство на овие посебни групи ќе ги направат следните чекори. Ние денеска изразивме политичка волја. Со моето гостување на самата група јас ја потврдив мојата лична волја и волјата како премиер – рече Заев.
Премиерот кажа дека волја и желба постојат, но дека црвените линии не смеат да се поминуваат, како што рече „за да не ни падне на памет да влијаеме врз правосудниот систем“.
Потсети дека реформите и независноста на судството се многу важен императив во евроинтеграциските процеси за влез во НАТО и во ЕУ.
Заев вели дека треба да се разграничи што е насилство, а што не е насилство, што е физичко насилство, што е тоа реализација и осмислување и што е тоа некој да учествува во толпата, да биде заведен или понесен.
– Сите може да се согласиме дека терористичко загрозување на уставниот поредок не е нешто кое треба да ги опфати сите и не навлегувам подетално само кажувам како пример дека имаме потреба да направиме јасна дистинкција и разграничување. Секако, пораката на помирување и подадена рака мора да постои, но и пораката на неповторување на вакви работи исто така мора да постои – вели Заев.
Тој рече дека очекува да бидат запазени роковите за уставните измени и целиот процес да заврши до средината на јануари, а во финалната фаза да биде поддржан од дополнителен број пратеници во Собранието.
–Во следната фаза верувам дека постои можност и многу други пратеници да ги поддржат конечните амандмани, затоа што некои најавија дека еден дел од тоа е прифатливо.
Мета/Фото: Влада на РМ