Ниедна земја не може да го држи целиот пристапен процес во заложништво и тоа го споменав многу јасно, нагласи министерот за надворешни работи на Република Литванија, Габриел Ландсбергис на денешната прес-конференција по средбата со шефот на дипломатијата Бујар Османи, одговарајќи на новинарко прашње дали како членка на ЕУ ќе поддржат почеток на преговорите со Република Северна Македонија.
Според него, крајно време е да се постават прашања за вистинските мотиви.
– Веројатно не постои подобро време кога нашите европски вредности биле поставени на тест и ние се наоѓаме на крстопат кога можеме или да се срушиме да изгубиме кредибилитет или да излеземе од тоа посилни. Досега Европа за време на кризите, секогаш излегуваше посилна и убеден сум дека и овој пат нема да биде различно, рече министерот Ландсбергис.
Прашан дали ќе поддржи одвојување на Македонија и на Албанија во процесот на пристапување, шефот на дипломатијата на Литванија, Ландсбергис истакна дека се уште се надева оти следните два месеци од француското претседателство ќе донесат позитивни резултати и нема да има потреба од раздвојување на двете земји.
– Не би сакале тоа да се случи. Мислам дека не се искористени се уште сите инструменти за да се спречи тоа за да може двете земји заедно да се придвижат колку што е можно побрзо, изјави Ландсбергис, кој се наоѓа во работна посета на Северна Македонија.
МИА/Фото: МНР