Нема дилема дека антителата што се создаваат кај пациентите по прележниот вирус штитат одреден период, но имунитетот стекнат од вакцината е многу подолготраен и поефикасен, порача денеска министерот за здравство Венко Филипче.
Филипче рече дека препораката прележаните да се вакцинираат 45 дена по завршување на болеста е со цел овие лица да стекнат подолготраен имунитет од една страна и да се заштити здравствениот систем од следни бранови од друга страна.
–Тоа што сакаме да го постигнеме со нашата препорака е граѓаните што порано се вакцинираат по прележување на болеста за да што порано се стекнат со подолготраен имунитет. На тој начин постигнуваме две работи – прво оние граѓани кои ја прележале болеста стекнат подолготраен имунитет, но истовремено го заштитиме и здравствениот систем. Зошто?
Заради тоа што не секој пациент реагира еднакво, некој развива антитела, некој не. После овој бран може да се соочиме со некој нов кога една одредена група на граѓани кои сега се болни, тогаш ќе бидат во фаза кога антителата им паѓаат и тие повторно се ризична категорија на граѓани, појасни Филипче.
Коментирајќи британска студија која покажува дека прележаните имаат подобар имунитет од оние кои се вакцинирале, Филипче со став дека се прават голем број на студии, но оти важно е на кој начин тие се прават, односно зависи од повеќе фактори.
– Препораките што ги дава нашиот Комитет за имунизација се должат на анализа на повеќе студии, рече Филипче, додавајќи дека препораките на нашиот Комитет се совпаѓаат со оние од Светската здравствена организација.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
МИА/Фото: Влада