еМагазин
Image default
Техно

ИНОФЕИТ започнува програма за поддршка на иновации кај студентите на УКИМ

Интердисциплинарни тимови од Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (УКИМ) ќе работат на создавање иновативни продукти и решенија во рамки на студентската програма Innovations in Smart Anything Everywhere (INNO-SAE 2019), во организација на Центарот за трансфер на технологии и иновации – ИНОФЕИТ. Ваквата активност претставува демонстрација на иновативниот капацитет на студентите на УКИМ по повод 60 години ФЕИТ.

Програмата пред студентите ја презентираше продеканот за финансии на ФЕИТ, професор д-р Владимир Атанасовски. На 16 април 2019 ќе се одржи уште една промоција во просториите на ИНОФЕИТ, каде што ќе се повторат условите, очекувањата и самиот тек на натпреварот. Рокот за поднесување апликации е 10 мај 2019 година.

Идејата, според професор Атанасовски, е студентите од различни факултети при УКИМ да работат на иновативни идеи кои може да доведат до развој на прототип и да им помогнат во развивање на нивните претприемнички вештини.

„Наша цел е да ги стимулираме студентите да работат на иновативни идеи и да направат нешто што може да се покаже и да функционира, нешто што има мерлива вредност. Правилата налагаат еден тим да има најмногу 5 студенти од различни единки на УКИМ, да поднесат јасно елаборирана идеја и листа со потребна опрема за нејзина реализација. Потоа, жири комисија (составена од професори од УКИМ, претставници од индустријата и компании кои поддржуваат правење бизнис со кои ИНОФЕИТ има блиска соработка) ќе селектира шест тимови кои ќе добијат соодветни ментори и ќе работат на идејата. Секој тим може да добие до 30.000 денари за опрема“, објасни Атанасовски на заинтересираните студенти.

Секоја идеја ќе се работи во текот на летото а ќе се презентира пред комисијата во септември годинава во просториите на ИНОФЕИТ. По ова, доколку тимот се одлучи да формира стартап компанија, ИНОФЕИТ со своите партнери, ќе им помогне да добијат поддршка во нивниот понатамошен развој и активно вклучување во иновацискиот екосистем на нашата држава.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

(Видео) Микросам на саемот JEC World 2019 го претстави првиот мулти-роботски систем за современи композити

Редакција

Samsung ја претставува SmartThings Find, новиот начин за брзо и едноставно лоцирање на Galaxy уредите

Редакција

За што Македонците во 2018 најмногу го користеле интернетот 

Редакција