Со реакција за актуелниот политички спор кој го наметна соседна Бугарија се реакција се јавија од Институтот за македонска литература.
Реакцијата Ви ја пренесуваме во целост:
„Политичкиот спор што го наметна бугарската Влада за правото на постоење на македонска национална самобитност, преку кој се настојува да се блокира Македонија на патот кон евроинтеграцијата, според нас е нерационален и нерелевантен од аспект на историските факти елаборирани во илјадници научни трудови од светска и македонска научна провиниенција.
Загарантираната посебност на македонскиот национален идентитет, јазик, историја, уметност и традиција е потпишана преку авторски трудови од многубројни светски лингвисти, историчари, литерати, политиколози, социолози, што како одамна научно надраснато прашање им припаѓа на историските толкувања од 19. и од еден период на 20. век.
И тоа е непобитен правен и историски факт, според нас од глобално европско значење.
Романтичарско-патриотските градени митови од 19 век промовирани во современоста од бугарската Влада, не одговараат на новите барања на времето и на модерната перспектива при толкувањето на фактите.
Во услови на функционирање на современи и респективни универзитети во Македонија, на национални научни институти, каде во некои од нив веќе повеќе од 100 години се проследува македонскиот национален идентитет од современа научна перспектива, со остварени членства во меѓународни организации, комитети, меѓууниверзитетски конференции, здруженија и сл., апсурдно е враќањето назад кон историските факти со самотолкување во прилог на нацинал-романтичарскиот патриотизам.
Во ерата кога се создаваат нациите, патриотизмот и неговата манифестација е своевидна култура.
Нашата национална култура има своја длабока вертикала (од епохата на светите Климент и Наум Охридски па сé до денес), во неа има вистински дострели, има големи автори, револуционери, идеолози, големи историографски достигнувања, аргументирани отворени дискусии и дебати на јавната сцена.
Тука ја препознаваме и причината за посегањето кон нив, кон креативниот дел од нашата богата книжевна традиција, на автентичното право на припадност и афирмација на македонската историографија и културологија.
Од перспектива дека космополитизмот и визионерството се есенцијални заложби на Европската Унија, чија културолошка платформа е изразена во максимата „единствени во различноста“, патетично звучи во 21. век да се оспорува правото на македонскиот народ, кој историски бележи извонредно богата културна и интелектуална традиција, токму од земја членка (Бугарија) која се обврзала да ги почитува високите демократски стандарди на ЕУ.
Во текот на историските процеси кои ги оформуваат одделните национални идентитети, се создаваат модерни колективитети, коишто им го обезбедуваат идентитетот на членовите на своите заедници и поттикнуваат двонасочна солидарност меѓу оние кои се чувствуваат како Македонци, и соодветно, меѓу оние кои се чувствуваат како Бугари.
И да заклучиме: Реминисценциите за далечното минато секогаш оставаат простор за еднострани замени на тези, за мешање на митската слика со реалноста, за евоцирање на претстави за „славно минато“ кои се замена за сегашноста, а одговараат на мистификациите на 19. век.
Ако продолжиме единствено да се навраќаме назад во историјата политички ограничувајќи ја историографијата, а наместо да се фокусираме на тековните цивилизациски предизвици и да размислуваме за заеднички живот во обединета Европа – тогаш ваквиот едностран предизвикан бугарско-македонски „проблем“ самиот од себе нема да може достоинствено да се надмине, а камо ли да се смета како „решен“ за меѓусебно разбирање на идните генерации Македонци и Бугари„, стои во реакцијата.