еМагазин
Image default
Бизнис ТОП СТОРИИ

Историски ден: Почна со работа Македонската берза на електрична енергија

Овој ден ќе го запаметиме по тоа што денеска во 10:35 часот за првпат се затвори портата за тргување на Македонската берза на електрична енергија, со што се означи почетокот на функционирањето на организираниот пазар, пазарот ден – однапред во нашата земја, порача управителот на Националниот оператор на пазарот  на електрична енергија – МЕМО, Симон Шутиноски на настанот со кој се означи офцијалниот почеток на работата не берзата.

– Ова значи дека денеска добивме референтни цени на македонскиот пазар на електрична енергија, кои се однесуваат на домашната побарувачка и понуда на електрична енергија. Денеска се случи безбедно и без никаков проблем тргување на електричната енергија на нашиот организиран пазар, рече Шутиноски.

Нагласи дека на првиот ден на тргување на Македонската берза учествувале 20 од вкупно 22-те компании кои склучија договор со МЕМО за учество на берзата на електрична енергија. Истргувани се околу 500 мегават часови електрична енергија или во просек околу 20 мегават часови во час со просечна цена од околу 7.125 денари, која е приближна на цените во регионот и во Европа.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Кои се првите 20 компании кои ќе тргуваат: Почнува со работа Македонската берза за електрична енергија

-Патот на воспоставување на организираниот пазар на електрична енергија не беше лесен, напротив исполнет со препреки и предизвици. Овој процес започна со донесување на Законот за енергетика во 2018 година со кој беше транспониран третиот енергетски пакет од европското законодавство во домашното, и се создадоа услови за воспоставување на организиран пазар на електрична енергија.

Следуваше период на истражување на пазарот, се работеа студии за институционална поставеност на организираниот пазар, пазарот ден-однапред, за во 2020 година Владата на предлог на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги да го назначи Националниот оператор на пазарот на електрична енергија  – МЕМО за Номиниран оператор на пазар на електрична енергија, популарно кажано NEMO, низ процес согласно европската CACM регулатива, со што во тој момент Македонија беше прва земја од земјите од Западен Балкан, која го исполни овој услов од европското законодавство, рече Шутиноски.

Потоа, додаде, следуваше процес на изнајмување на трговска платформа и платформа за клиринг и финансиско порамнување, при кој се склучи договор со нашите денешни партнери BSP South Pool – словенечката берза на електрична енергија и EPEX SPOT – европска берза на електрична енергија со седиште во Париз, која е една од најголемите берзи во Европа, застапена во повеќе од 15 западно-европски земји.

-Во процесот на прилагодување на платформите и нивно тестирање, колегите од BSP и EPEX заедно со моите колеги од МЕМО демонстрираа високо ниво на професионалност што резултираше денес на 10 мај да имаме успешен ден, успешно тргување на Македонската берза на електрична енергија.

Со отпочнувањето со работа на берзата ќе поттикнеме ефикасна конкуренција во производството, трговијата и снабдувањето со електрична енергија, обезбедуваме оптимална употреба на инфраструктурата за пренос на електрична енергија, обезбедивме чесен, транспарентен и недискриминаторен третман на учесниците на пазарот ден – однапред, обезбедуваме и подобрување на транспарентноста и довербата во информациите, и почитување на потребата за чесен пазар на електрична енергија и чесно и пазарно формирање на цените за електрична енергија, посочи Шутиноски.

Нагласи дека Берзата на електрична енергија ќе поттикне зголемени инвестиции во производствени капацитети на електрична енергија од обновливи извори, со тоа што инвеститорите ќе имаат организиран пазар, каде ќе можат да ја продаваат произведената енергија. На трговците и снабдувачите на електрична енергија, па дури и на големите директни потрошувачи ќе им овозможи да ги оптимизираат своите портфолија и да го планираат своето работење.

Директорот на Секретаријатот на енергетската заедница, Артур Лорковски во видео обраќање истакна дека креирањето на конкурентен пазар за тргување со електрична енергија е една од целите на Европската комисија, но додаде дека, крајната цел е да има целосна интеграција и поврзување со останатите пазари на електрична енергија, односно да има еден единствен пазар на електрична енергија на ниво на Европската Унија.

-Уверен сум дека отворањето на денешниот пазар ден – однапред  во Северна Македонија ќе овозможи во иднина да може да се приклучиме на единствениот пазар ден – однапред и да имаме соодветно прекугранично поврзување. Воведувањето на пазарот ден – однапред ќе овозможи да се направи уште многу и ќе може да се повикаат потенцијални инвеститори, порача Лорковски.

МИА/Фото: Унсплеш

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Ревизорите откриваат дека Владата нема контрола врз работењето на администрацијата: Милиони потрошени за џабе

Редакција

БДП годинава ќе се намали за 3,4%, прогнозираат од Министерството за финансии

Редакција

По шест месеци од пожарот во модуларната болница во Тетово, Обвинителство е во фаза на анализирање на сите прибрани докази

Редакција