Mакедонија денеска одбележува 123 години од смртта на Гоце Делчев, македонскиот национален херој, кој беше убиен од османлиската војска во Баница, на 4. мај. 1903 година.
Ве потсетуваме на неговите најпознати цитати, актуелни и денеска:
„Ослободувањето на Македонија се крие во внатрешното востание. Кој мисли инаку да се ослободи Македонија, тој се лаже и себе си и другите”.
„Јас го разбирам светот единствено како поле за културен натпревар меѓу народте”.
„…Дали може да има друго место за еден Македонец, освен Македонија? Дали има и народ понесреќен од македонскиот? И дали има некаде пошироко поле за работа, отколку во Македонија…”.
„Јас не познавам друг народ кој повеќе страдал од предавствата на своите синови – изроди како македонскиот”.
„Јас не сакам востание со луѓе што ќе ме напуштат при првиот неуспех, јас сакам револуција со граѓани кадарни да ги понесат сите искушенија на една долготрајна борба, каква, поради жестоките политички услови, ќе биде и нашата – или ќе водиме говеда на касапница“.
„Труд и постојамство, тоа е силата, со помош на која човек станува највелик при секоја иницијатива“.
„Внатрешната организација не се стреми само да им дава оружје на луѓето, ами и да го разбие нивниот ропски дух“.
„Ние се бориме за слободна и независна Македонија со широки права на сиромашното население“.
„Македонија има свои интереси и своја политика.Тие им припаѓаат на сите Македонци. Оној што сака да работи на присоединувањето на Македонија кон Бугарија, Грција или Србија, тој може да се смета за добар Бугарин, Грк или Србин, но не и за добар Македонец“.
Кој беше Делчев
Роден на 4. февруари 1872 година во Кукуш, Грција, во семејството на Султана и Никола.
Се школувал во гимназијата во Солун и на Воената академија во Софија, Бугарија.
Учителствувал во Штип, а како член на Централниот комитет на ТМОРО работел на создавање мрежа на бази, комитети и комитски чети на Организацијата. Учествувал на Солунскиот конгрес на ВМРО (1896), а до 1901 година бил задграничен претставник на ВМРО во Софија.
По убиството неговите посмртни останки се чувале во Баница, Грција, до 1917 година, кога биле пренесени во Ксанти (Грција), а потоа во Софија.
До 1923 година, ковчежето со коските се чувало во домот на Михаил Чаков. Останките на Делчев на 11. октомври 1946 година биле пренесени во црквата „Свети Спас“ во Скопје.
Фото: Влада













