Гостиварски „Комуналец“ не уплатил за цевката, затоа не добил одобрение, велат од ЈП за државни патишта

Од Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) ги отфрлаат тврдењата на ЈП „Комуналец“ – Гостивар дека две години чека согласност за поставување на водоводна инфраструктура.

Од ЈПДП велат дека причината за неиздавањето на одобрението е неисполнување на законските процедури од страна на Општина Гостивар.

Од таму информираат дека во февруари 2024 година Општина Гостивар поднела барање за водоводна мрежа, по што на 26. април истата година била изготвена пресметка за уплата во износ од 16.588 денари.

Според јавното претпријатието, оваа сума никогаш не била уплатена, поради што не можело да биде издадено одобрението.

Дополнително, во март 2024 година било поднесено уште едно барање за цевковод за водоснабдување.

Иако бил изготвен записник од надзорен орган, Општина Гостивар, како што велат од ЈПДП, не ја доставила потребната техничка документација за добивање дозвола.

Од таму наведуваат дека по овие две барања не е поднесено ново барање, и покрај повеќето одржани состаноци меѓу двете институции.

Посочуваат и дека од почетокот на 2026 година сите управни постапки се водат електронски, а во тој период не е пристигнато никакво барање за водовод од Општина Гостивар.

ПОВРЗАНИ ВЕСТИ

Реновирањето на градскиот водовод во Гостивар било завршено 98%, тврдат од ЈП Комуналец

Фото: ЈП “Комуналец“ Гостивар

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

  • Најчитани вести

  • Најчитани вести