Бизнис-планот за 2023 година, донесен со одлука на Управниот одбор на Алкалоид АД Скопје на седницата одржана на 29.12.2022 година, предвидува инвестирање на околу 11% од консолидираните приходи од продажбите во материјални и во нематеријални средства, раст од 10% на консолидираните продажби во однос на 2022 година, како и раст од 7% на консолидираниот профит пред оданочувањето во однос на 2022 година, информираа од таму.
-Бизнис-планот за 2023 година е базиран на очекувањата, проекциите и на можностите на тековните и на новите пазари и производи достапни за компанијата во моментот на изготвување на планот.
Околностите и настаните во 2023 година, а со тоа и остварените резултати, може да варираат во однос на прикажаните во бизнис-планот, велат од таму.
Кои се очекувањата за компанијата за престојниот период
Во изминатиот период Друштвото се соочи со голем број интерни и екстерни предизвици и новонастанати ризици генерирани од енергетската и од економската криза. Презедовме голем број мерки во досегашниот период со цел неутрализирање на сите негативни ефекти, без притоа да се загрози успешното работење на Друштвото, велат од таму.
-Во согласност со очекувањата, она кое доминираше во 2022 година, а кое продолжува и во првата половина од 2023 година е забележителниот раст на цените на голем дел од влезните суровини и материјали и на енергенсите, како и порастот на цените за транспорт на глобално ниво, а особено значителните пролонгирања на роковите за испорака.
Сето ова влијаеше и врз стапката на инфлација, која достигна високо ниво, но и врз намалената предвидливост за нејзините идни трендови. Во исто време, каматните стапки на регионалните и на европските пазари достигнаа рекордно високо ниво во последните неколку години, што дополнително ги оптоварува оперативните трошоци во работењето.
Покрај сето тоа, изразената неизвесност на глобалните економски текови доведе и до варијабилност на повеќето национални валути, што значително го зголемува ризикот од негативни курсни разлики во работењето.
Како најголем предизвик и како прв приоритет за периодот што доаѓа и натаму останува грижата за здравјето на вработените, како и одржувањето на тековната ликвидност и на финансиската стабилност и остварувањето на планските цели, велат од таму.
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Како се движеше цената на акцијата на Алкалоид во првото полугодие
Во првото полугодие Алкалоид инвестирал 937,9 милиони денари и има 106 нови вработувања
Раст на приходите, добивката и извозот на Алкалоид во првото полугодие
Фото: Алкалоид