Турција наводно се заканува дека ќе ја одложи ратификацијата на протоколот за членство на Северна Македонија во НАТО, доколку земјата не ги екстрадира 15 турски државјани на Анкара кои се обвинети за вмешаност во неуспешниот државен удар во Турција во 2016 година, пишува грчкиот весник „Катимерини“.
Според весникот, Анкара инсистира на екстрадиција на 15 турски државјани за кои властите во Турција сметаат дека се членови на мрежата на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кого турските власти го обвинуваат за организирање обид за пуч.
Ова прашање го отвори и турскиот министер за одбрана Хулуси Акар за време на неговата официјална посета на Скопје на 3 април. Исто така, Акар при посетата на Косово побара екстрадиција и на други турски државјани, за кои смета дека се наоѓаат на територија на Косово и дека се дел од мрежата на Ѓулен.
„Катимерини“ пишува дека премиерот на Северна Македонија Зоран Заев ги отфрлил барањата на Анкара и за тоа добил поддршка од страна на официјални претставници на ЕУ, кои, исто така, ја повикале Владата во Скопје да ги почитува човековите права на тие 15 турски државјани.
Меѓутоа, како што наведува грчкиот весник, министерката за одбрана на Северна Македонија, Радмила Шекеринска во телевизиско интервју изјавила дека е потребна и Турција за ратификување на протоколот за членство во Алијансата.
Анкара, исто така, од 2016 година преговара со Атина во врска со судбината на осум војници кои Турција ги обвинува за учество во државниот удар, а на кои Грција им одобри азил.
Во февруари оваа година, турската државна новинска агенција Анадолија објави дека турската Влада понудила 5,6 милиони евра за враќање на турските офицери.
МИА/Фото: Влада
ПОВРЗАНИ ВЕСТИ
Ако има докази ќе се постапи по барањето за екстрадиција на турските државјани, кои ги бара Турција
Кога Турција ќе го ратификува Протоколот: Ќе стане ли Фето услов за НАТО?