еМагазин
Image default
НАША ТЕМА ТОП СТОРИИ

Кој е Албин Курти кој победи на изборите во Косово: Лани најави дека ќе основа партија и во Македонија

Реформското движење „Самоопределување“ на Албин Курти е победник на изборите во Косово, со освоени 48 проценти од гласовите.

Кој е Албин Курти?

Курти има 45 години и е роден во местото Владимир, крај Улцињ во Црна Гора.

На Косово тој стана познат уште во далечната 1997 година како главен организатор на студентските протести и потпретседател на Студентското движење на Универзитетот во Приштина во период кога неговиот ментор Адем Демачи стана политички лидер на Ослободителната војска на Косово.

Курти стана популарен меѓу косоварите, бидејќи отворено му се спротистави на тогашниот претседател на СФРЈ, Слободан Милошевиќ за што беше осуден за тероризам и одлежа тригодишна затворска казна.

Во 2001 година откако излезе од затвор, Курти стана критичар на меѓународните институции и на УНМИК со постојани обвинувања дека странските преставници на Косово се извор на корупција и криминал.

Постојани протести, инциденти и апсења го карактеризираат неговото делување оттогаш до денес.

На изборите во 2013 година, неговата „Самоопределување“ освои 13 отсто од гласовите со што стана еден од најважните политички фактори на Косово.

Тој постојано ги критикува преговорите со Србија под капата на Брисел и отворено се залага за бојкот на српските производи на Косово. Жестината во неговото политичко делување најдобро ги илустрираат инцидентите во косовскиот парламент.

Имено, речиси на секоја седница на која се зборуваше за нормализирање на односите меѓу Приштина и Белград неговите пратеници фрлаа солзавец за да се прекине расправата.

Курти и „Самоопределување“ победија и на косовските избори во 2017 година, но поради страв дека ќе стане премиер останатите партии на Кадри Вејсели, Рамуш Харадинај и Фатмир Лимај формираа таканаречена „Воена коалиција“ и формираа Влада.

Инаку, тој отворено се залагаше за формирање Голема Албанија преку федерација односно коангломерат на териториите на Балканот каде што живеат Албанци.

Овој негов предлог дојде неодамна како одговор на идејата за размена на територии меѓу Србија и Косово што срамежливо ја промовираа претседателот на Косово, Хашим Тачи и неговиот српски колега Александар Вучиќ.

Сепак, Курти веднаш по изборите ретерира во тврдите ставови и најавува соработка со сите страни, но пред се чистење на Косово од корупцијата.

Курти веќе ја предводеше косовската Влада минатата година, но во март лани косовскиот Парламентот ѝ изгласа недоверба. Беше на власт само неколку месеци.

Курти најави партија и во Македонија

На 13 јуни 2020 година на собирот по повод 21-годишнината од ослободувањето на Косово и 15-годишнината од основањето на ВВ, Курти изјави дека: „Самоопределување ги освои срцата“ на сите Албанци во сите албански средини во регионот.

„Ние го имаме нашиот центар во Албанија, а ја покренуваме иницијативата за основање на движење Самоопределување и во Македонија“, порача Курти на крајот од својот говор пред неколку илјади граѓани на собирот на плоштадот „Скендербег“ во центарот на Приштина.

Неговата партија „веќе е порасната и проширена на сите албански територии“.

„Самоопределување ќе има и во Албанија, во Македонија, во дијаспората и насекаде. Во Косово набргу ќе има избори и ВВ ќе го добие мнозинството гласови“, рече Курти, порачувајќи дека сета власт во Косово ќе ја има неговата партија.

Фото: Курти/Фејсбук

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Засега нема скратување на полицискиот час

Редакција

Таравари и Села нема што да делат, Алијанса за Албанците нема имот, има само две канцеларии под кирија

Редакција

Citroen C4 – Автомобил на годината во Македонија за 2021

Редакција