еМагазин
Image default
ЖИВОТ ТОП СТОРИИ

Кои се победничките во изборот „Жена на годината 2022“

Во „Музеј на македонската борба“ денеска беа избрани десетте жени – победнички во изборот „Жена на годината 2022“.

Слаѓана Вујошевиќ е избрана за жена на годината, Виолета Томовска е избрана за жена со трајни вредности, жена менаџерка на годината e Билјана Караманолевска, жена млада менаџерка на годината Светлана Кордумова, жена со најголеми достигнувања во науката и технологијата e Мартина Димовска, жена со најголеми достигнувања во културата Пламенка Трајковска, жена со најголеми достигнувања во спортот e Оливера Наковска Бикова, жена со најголеми достигнувања за општеството Ребека Јанковска-Ристески, жена со најдобар стил Дита Старова Ќерими и инфлуенсерка на годината e Александра Шијакоска.

Целта на изборот „Жена на годината“ е да се оддаде признание на жени кои со својот професионален и општествен ангажман секојдневно и во континуитет поставуваат високи стандарди на деловно и етичко однесување и остваруваат забележителни резултати во годината што одминува.

Во конференцискиот дел на настанот се одржаа предавања на Ирена Јакимова, Марио Јовановски, Вера Мештеровиќ и Наташа Дуковска, кои пред присутните ја споделија својата приказна и искуствата кои ги доживеале во нивната претприемачка експедиција, препреките со кои се соочиле и начините на кои успеале да ги надминат.

Катерина Котлареска Манеска која е еден од организаторите, вели дека ваквиот настан е значаен, бидејќи ги здружува жените од различни дејности и различни професии кои меѓу себе се мотивираат, разменуваат искуства и знаења.

„Денеска славиме јубилеј пет години постоење, овој настан подразбира здружување на едно место нa повеќе жени од различни дејности и различни професии, кои меѓу себе си ги разменуваме искуства, се мотивираме, се забавуваме, но и учиме.

Жените претприемачки помагаат да се развива општеството, да се извлечат од онаа балканска стигма во која жената само седеше дома и беше само домаќинка, денес имаат желба, мотив и започнуваат да создаваат дали тоа е во занаетчиството, ИТ, во различни професии, во секој случај жените веќе го менуваат профилот,“ изјави Котлареска Манеска.

Организатори на „Жена на годината“ се Маркетинг365 и Касиа Евентс.

МИА/Фото: МИА

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Вознемирувачка снимка од експлозијата на магацинот со муниција во околината на грчки Волос

Редакција

Ски-картите за Попова Шапка, ќе важат и за следна сезона

Редакција

Починаа уште осум нови пациенти од Ковид-19, тројца од Скопје

Редакција