еМагазин
Image default
Македонија ТОП СТОРИИ

Ковачевски-Донфрид: ЕУ да ги препознае и вреднува ефективните политики на Македонија со отворање на преговорите

Со ефективните политики за поддршка на народот во Украина и во согласност со надворешната политика на НАТО и на ЕУ, Македонија даде уште еден силен аргумент дека припаѓа во НАТО и во ЕУ. Ова треба да биде препознаено и вреднувано од Унијата, со отворање на преговорите за Македонија и Албанија, бидејќи проширувањето на Европската Унија со Западен Балкан, од геополитичка гледна точка е безбедносно прашање и е од суштинско значење за стабилноста и просперитетот на целиот регион и на ЕУ, констатирале на денешната средба премиерот Димитар Ковачевски и помошник државната секретарка на САД за европски и евроазиски прашања, Карен Донфрид, информираат од Владата.

На средбата во Владата присуствувале и вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, заменик помошникот на државниот секретар на САД за европски и евроазиски прашања и специјален претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар и амбасадорката на САД во земјава, Кејт Мари Брнз.

-Помошник државната секретарка на САД, Донфрид, пренесе порака дека Северна Македонија е важен трансатлантски партнер на САД. Изразена е силна и недвосмислена поддршка од администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден за развојот и европските интеграции на Северна Македонија и за итно и неодложно отпочнување на преговорите со ЕУ, како прашање од стратешка важност за стабилноста на целиот Западен Балкан, наведува во соопштението владината прес-служба.

На средбата, како што се додава во соопштението, било истакнато и дека нашата држава, како членка на НАТО и земја кандидатка за ЕУ, функционира според принципите на демократските и европските вредности и дека во предизвиците што ги донесе војната во Украина, се постави брзо и целосно на линија на политиките на НАТО и на ЕУ.

Заеднички било нагласено и значењето на стратешкото партнерство на Македонија со САД.

Премиерот Ковачевски се заблагодарил за традиционалното, искрено и континуирано пријателство на САД од независноста на нашата држава до денес и го оценил како исклучително важно во сите процеси на развојот на нашата држава, вклучувајќи го и остварувањето на двете државни стратешки цели, НАТО и ЕУ.

-Владата е фокусирана на животниот стандард на граѓаните и на надминување на последиците од светската енергетска, економска и воена криза и ќе продолжиме да се заложуваме за решенија на сите отворени прашања исклучиво со почитување на европските вредности и на основа на меѓусебна почит и достоинствен пристап во разговорите, рекол Ковачевски.

На состанокот станало збор за повеќе актуелни прашања, меѓу кои и за значењето на иницијативата Отворен Балкан што ја унапредува регионалната соработка.

Фото: Влада

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на еМагазин значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени ОВДЕ.

МОЖЕБИ ЌЕ ВЕ ИНТЕРЕСИРА

Градоначалниците на Гази Баба и Вевчани ја деманитираат претседателката на Антикорупциска

Редакција

Пет биле на возраст од 30 до 49 години: Минатата недела од Ковид-19 починале 91 лица

Редакција

МВР во Скопје почна со достава на готови лични карти и дозволи по пошта

Редакција