Ги видов реакциите на здруженијата на останатите релевантни институции, со должна почит и внимание ги прочитав и ве уверувам дека истите понатаму ќе се основа за понатамошно унапредување на условите за работа и на медиумите и на новинарите и на известувањето.
Слободата на медиумите од една страна и објективното известување од друга во демократско општество се исклучително важни и особено потребни за да се одржи и развива демократијата за да го исполниме тоа, рече денеска премиерот Димитар Ковачевски, во одговор на новинарско прашање по реакциите за карактеризирањето на два медиума како трговец со енергенси и партиско гласило во неговото излагање од пред два дена
За да го исполниме ова, дополни Ковачевски, ние како политичари имаме одговорност да создадеме услови за слободно и непристрасно делување на медиумите, услови преку кои кои ќе се обезбеди јакнење на слободата на медиумите, независност на уредувачките политики и самостојност на медиумите во нивното работење.
Но, од друга страна новинарите имајќи го предвид јавниот интерес имаат обврска објективно и целосно да ја информираат јавноста.
-Јас не посочив конкретно ниеден медиум, а тоа го потврдува и снимката од прес-конференцијата, но сепак доколку некој се препознал во тоа што го кажав, и ако е тоа вистина и притоа има потреба од извинување, тогаш го има моето извинување, рече Ковачевски.
Тој рече дека ја почитува секоја професија и ја цени.
-Во контекст на вашата работа, моето секојдневно појавување пред јавноста никогаш од претходно не било договорено со некој уредник или новинар, не било договорено какво прашање да ми се постави, никогаш не било договорено што не треба да ме прашаат новинарите, никој од партијата што ја предводам или Владата не доставил готов прилог да биде прочитан во вестите, рече Ковачевски.
Тој рече дека како премиер и Владата уште од првиот ден се залагаат медиумите да работат слободно, независно и професионално и тоа го покажале преку нивната транспарентност.
-Јас лично стојам позади тоа дека треба да продолжи унапредувањето на демократијата и медиумите да продолжат да бидат растоварени од какви било влијанија без разлика дали се тоа политички или бизнис влијанија и така и ќе остане, рече Ковачевски.
МИА